Уставниот суд на својата последна седница донесе одлука да се поведе постапка по Одлуката за промена на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во Општина Тетово, донесена од Советот на Општина Тетово на 24 април 2007 и објавена во Службен гласник на Општина Тетово од 26 април 2007.
Иницијативата за преиспитување на Одлуката уште во февруари 2025 ја покрена Општинската организација на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи од Тетово.
„Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи јавно ја поздравува одлуката на Уставниот суд да ја прифати иницијативата која беше поднесена на 11.02.2025 и да поведе постапка која ќе резултира со поништување на неуставната и незаконска Одлука на Советот на Општина Тетово. Со неа во 2007, со гласовите на советниците од сите претставени политички партии, се промени името на градскиот плоштад Маршал Тито и на десетина булевари и улици во градот кои носат имиња на јунаци и настани од антифашистичкото славно минато на македонскиот народ и глобалната антифашистичка коалиција. Живееме во време во кое промената на имињата на улиците кои носат имиња на македонските херои и јунаци од светската антифашистичка коалиција е јавно објавена цел на градоначалникот на Општина Тетово, кој за нив дава квалификација дека се од темното минато. Преку овој случај апелираме сегашниот состав на Советот на Општина Тетово да не се осмели, ниту да се обиде, да промени име на ниту една улица“, се вели во соопштението на Сојузот на борците од Тетово.
Додека градоначалник беше Хазби Лика, Советот донесе одлука повеќе улици во Тетово да ги променат имињата. Така градскиот плоштад и главниот булевар, кои го носеа името Маршал Тито, беа преименувани во Илирија. И повеќе улици во градот добија имиња на албански дејци и борци од минатото. Иако оваа одлука на Советот на Општина Тетово никогаш не стана официјална, бидејќи не доби дозвола од Владата, до денес Општината во своите документи ги користи новите имиња, додека во документите кои ги издава државата стојат старите имиња на улиците.
- СОВЕТОТ НА ОПШТИНА ТЕТОВО ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ФОРМИРАЊЕ НОВА КОМИСИЈА ЗА ПРОМЕНА НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ
- КАСАМИ ЗА 4 АПРИЛ НАЈАВИ ЈАВНА РАСПРАВА ЗА ПРОМЕНА НА ИМИЊАТА НА УЛИЦИТЕ, СОЈУЗОТ НА БОРЦИТЕ ОД ТЕТОВО АПЕЛИРА ЗА БОЈКОТ
- ТЕТОВСКИОТ СОЈУЗ НА БОРЦИТЕ ОД НОБ ГО ПРЕДУПРЕДИ КАСАМИ ДА НЕ ГИ ЧЕПКА ИМИЊАТА НА АНТИФАШИСТИТЕ ОД УЛИЦИТЕ ВО ТЕТОВО
Пред крајот на својот прв мандат, актуелниот градоначалник Билал Касами повторно покрена иницијатива за дополнително бришење на имињата на одредени улици и нивна замена со нови, велејќи дека некои имиња се остаток од некое дамнешно мрачно време, мислејќи на улиците кои носат имиња на личности од Народноослободителната војна и од поранешна Југославија. Формираше и комисија за промена на имињата на улиците и отвори јавна расправа на која граѓаните даваа предлози. Меѓу тие предлози имаше и имиња на припадници на УЧК, па дури и на воени злосторници.
Иницијативата беше сопрена поради локалните избори. Откако го доби вториот мандат, Касами повторно ја актуализираше оваа тема. Формираше нова комисија која треба да ги разгледа предлозите и истите да ги достави до Советот на Општината за усвојување.
З. АНДОНОВ



