СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЈА КРИТИКУВА МАКЕДОНИЈА ДЕКА НЕ ИМ ДАЛА ФИНАНСИСКА АВТОНОМИЈА НА АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА И НА ОМБУДСМАНОТ

    СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЈА КРИТИКУВА МАКЕДОНИЈА ДЕКА НЕ ИМ ДАЛА ФИНАНСИСКА АВТОНОМИЈА НА АНТИДИСКРИМИНАЦИСКАТА КОМИСИЈА И НА ОМБУДСМАНОТПрепораката на Советот на Европа предвидуваше овие институции сами да располагаат со сопствените буџети, без да бараат одобрение од Министерството за финансии за секој трошок. (Фото: Совет на Европа)

    Европската комисија против расизам и интолеранција (ЕКРИ) објави заклучоци за тоа како Македонија ги спроведува приоритетните препораки дадени во 2023 година, при што утврди дека клучните барања за независност на институциите не се исполнети.

    Независното експертско тело на Советот на Европа во својот последен извештај наведува дека властите во Скопје не им овозможиле финансиска автономија на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Народниот правобранител. Препораката предвидуваше овие институции сами да располагаат со сопствените буџети, без да бараат одобрение од Министерството за финансии за секој трошок.

    Од ЕКРИ велат дека не добиле никакви информации за промени во постапката и оти отсуството на финансиска самостојност опстојува. Посебна загриженост е изразена за Канцеларијата на Народниот правобранител, каде што буџетот се смета за недоволен, а од вкупно 183 предвидени работни места, пополнети се само 85 позиции. Поради ова, европските експерти констатираат дека оваа препорака не е спроведена.

    Во однос на втората приоритетна препорака, која се однесува на долгогодишните проблеми со личните документи на Ромите кои по независноста останаа без државјанство, ЕКРИ смета дека е постигнат делумен напредок.

    Според добиените информации, по законските измени и активноста во Собранието, најголемиот дел од претходно идентификуваните 700 лица во ваква ситуација веќе го регулирале својот статус и добиле македонско државјанство. Со тоа за нив се отворил пристапот до образование, вработување, здравствено осигурување и социјална помош. Сепак, бидејќи постапката сè уште трае за уште околу 160 лица, комисијата оцени дека препораката е само делумно спроведена.

    Покрај за Македонија, ЕКРИ денеска објави слични заклучоци и за спроведувањето на препораките во Исланд, Луксембург и Полска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира