На денешното судско рочиште за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на 16 март 2025 со 63 жртви, сопственикот на објектот каде работеше дискотеката, Гроздан Милковски, се пожали на сериозни здравствени проблеми и рече дека тешко може да присуствува на судењата. Кажа дека има сепса на градите, не може да спие и дека од вчера има и бактериска инфекција на грлото. Рече дека нема можност постојано да плаќа возачи за да го носат на суд.
Судијката одговори дека разговарала со неговите лекари и оти според нив неговата здравствена состојба не е загрижувачка. Таа предупреди дека ако обвинетиот не се појави на следното рочиште, судот ќе му одреди притвор и дека така барем ќе има превоз.
На тоа Милковски одговори, „подобро ми е во притвор отколку сам да возам и да се фрлам во некој ендек“.
Одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов предложи судот да донесе одлука за спојување на оваа постапка со новиот предмет во кој Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против 13 полициски службеници. Според адвокатката, и во двата случаи станува збор за исто кривично дело и за настани поврзани со истиот случај, па спојувањето би спречило утврдување на различни фактички состојби во две одвоени судски постапки.
Судот го одби предлогот, а судијката образложи дека во другиот предмет има вкупно 25 обвинети и дека една од постапките веќе е во завршна фаза. Според судот, евентуалното спојување би довело до дополнително одолговлекување на двете постапки, што би било спротивно на начелото на економичност и целисходност на кривичната постапка. Иако одбраната тврди дека станува збор за ист кривично-правен настан, судот оцени дека самиот идентитет на настанот не е доволна основа за спојување, особено бидејќи предметите се водат пред различни одделенија и во обвинителството и во судот.



