ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ СО СПИЕЊЕТО ИМААТ НАД 40 ОТСТО ИСПИТАНИЦИ И ИМ ТРЕБА СТРУЧНА ПОМОШ, ПОКАЖА АНКЕТА НА КЛИНИКАТА ЗА ПСИХИЈАТРИЈА

    ГОЛЕМИ ПРОБЛЕМИ СО СПИЕЊЕТО ИМААТ НАД 40 ОТСТО ИСПИТАНИЦИ И ИМ ТРЕБА СТРУЧНА ПОМОШ, ПОКАЖА АНКЕТА НА КЛИНИКАТА ЗА ПСИХИЈАТРИЈАГолем дел од граѓаните се соочуваат со проблеми во овој сегмент и имаат потреба од повеќе информации и стручна поддршка за подобрување на спиењето. (Фото: К. Попов)

    Речиси 70 отсто од испитаните македонски граѓани користат телефон или екран пред да заспијат, а повеќе од 40 отсто се соочиле со проблеми во спиењето во последниве три месеци, покажа анонимната онлајн анкета спроведена од Клиниката за психијатрија во периодот од 2 до 6 март 2026, на која одговориле 491 испитаници. Анкетата е спроведена по повод месец март, кој Европското здружение за истражување на спиењето го има прогласено за месец за подигнување на свеста за спиењето, под мотото „Спиј добро, живеј подобро“.

    Повеќе од 63 отсто од испитаниците се изјасниле дека спијат од 5-7 часа во текот на ноќта, 11,6 отсто спијат помалку од 5 часа, додека 22,8 отсто спијат од 7 до 9 часа.

    Според резултатите од анкетата, 44,6 отсто од испитаниците би сакале повеќе информации или стручна поддршка за подобрување на квалитетот на спиењето, а речиси ист е процентот (42,2 отсто) на испитаници кои се изјасниле дека само понекогаш се чувствуваат одморено кога ќе се разбудат. Третина од испитаниците се изјасниле дека се чувствуваат одморено, а 24 отсто ретко се чувствуваат одморено по будењето. Најголем процент од испитаниците сметаат дека сонот влијае врз нивното расположение (71 отсто), концентрација (64 отсто) и работна ефикасност (63,3 отсто).

    Како што велат од Клиниката за психијатрија, овие резултати укажуваат на тоа дека голем дел од граѓаните се соочуваат со проблеми во овој сегмент и имаат потреба од повеќе информации и стручна поддршка за подобрување на спиењето.

    „Целта е да се укаже на важноста на спиењето во однос на здравјето како општа благосостојба, да се укаже на последиците од недоволно спиење и да се зборува и за растројствата на спиење и начините на лекување. Недостигот на спиење наредниот ден ги нарушува нашите егзекутивни финкзии, намалена е концентрацијата, забавен е мисловниот процес и успорена е психомоториката, па често може да се погреши во проценката на одредена ситуација (возење, управување со машина и др.). Секако дека сите овие состојби, ако се долготрајни, како хронична несоница или потешкотии со заспивање и одржување на спиењето можат да доведат и до анксиозни состојби, па дури и до депресија“, вели проф. д-р Ненси Манушева од Клиниката.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира