Група студенти од Универзитетот Лунд во Шведска под името „Јунити Шведска“, собрале 1,2 милиони евра преку краудфандинг за нивниот стартап за производство на електрични автомобили, нешто што го привлекло вниманието на германскиот индустриски гигант „Сименс“.
И двете страни рекоа дека ќе започнат партнерство, кое ќе произведе 50.000 лесни градски возила за една година, почнувајќи од следната година.
Возилата „Л7е“ со две седишта имаат мотори од 15 киловати и максимална брзина од 130 километри на час. Тежат 400 килограми и имаат опсег од 150 километри. Создадени се од одржливи материјали, а воланот на возилото личи повеќе на контролер на компјутерска игра, отколку на волан на обична кола.
Луис Хорн, директорот на „Јунити Шведска“ вели дека договорот со „Сименс“ на компанијата ѝ дозволува „не само да изгради одржлива кола, туку исто така да создаде одржливи начини за производство во големи количини“.
Ола Џансон од „Сименс“ рече дека едвај чекал да започне партнерството помеѓу „Сименс“ – една многу стара, стабилна компанија, но сè уште иновативна, и „Јунити Шведска“ – компанија на млади, иновативни луѓе, кои немаат бизнис традиција и ограничувањата коишто потекнуваат од тоа.
Амбицијата на овој студентски стартап доаѓа во време на голема активност на авто и технолошките индустрии во областа на производство на поеколошки автомобили, поавтономни системи на возење, па дури и самоуправувачки возила.
„Л7е“ ќе бидат претставени кон крајот на 2017 година, а првите нарачки се веќе резервирани за почеток на 2019 година. Цената на ова возило се очекува да биде 21.000 евра.