Во Основниот суд во Тетово продолжи судењето за неправилностите при изградбата на новиот театар и библиотека во Тетово. На барање на судот за супервештачење, беа сослушани двајца вештаци за економскиот и за градежниот дел.
Тие пред судот изјавија дека остануваат на извештаите од супервештачењето што ги подготвиле и доставиле до судот.Во економското супервештачење, вештото лице Наташа Лазова го објаснуваше делот што се однесува на зголемувањето на износот за набавки за 19%, при што посочи дека со него не е надминат законскиот процент според Законот за јавни набавки, кој изнесува 30%.
Во делот од обвинението за затајување ДДВ, вештакот Лазова образложи дека тие 149 милиони денари ДДВ инвеститорот требало само да ги евидентира, но не и да ги плати бидејќи се работи за објект во државна сопственост, но оти тоа го направил дури по две години, а во меѓувреме, при контрола од УЈП, добил налог да изврши уплата на данокот.
Градежниот вештак Гена Стојановска го образложуваше своето супервештачење во делот на измените направени врз првобитниот план за изградба на Театарот и библиотеката во Тетово, наведувајќи дека, поради недостиг на средства, Владата побарала ревидирање на градбата, при што таа била намалена за два ката во подземјето и за еден кат на покривот.
На обвинителната клупа во тетовскиот суд се: Сејди Шашивари, сопственик и управител на правното лице од Тетово „Урбан план констракшн“, самото правно лице, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, Артан Арслани, претседател на Комисијата за јавни набавки и потоа в. д. директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча како главен надзорен инженер во правното лице ангажирано како надзорен орган при спроведувањето на договорот за јавна набавка од 2015 до 2020 година.
Според обвинителниот акт, Шашивари како првообвинет и правното лице како второобвинето се товарат за кривичното дело злоупотреба во постапката за јавни набавки, Фазлиу и Арслани се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување, а Бајрам Муча за несовесно работење во службата.
Продолжението на судењето е закажано за 4 декември 2026 година, со изнесување на завршните зборови на обвинителството и на одбраната.
З. АНДОНОВ



