Околу двесте ученици ќе се примат во првата учебна година, односно 25 класа, во новото државно средно училиште Полициска академија, за кое јавниот повик за учебната 2026/27 се очекува околу 1 јули, објави државната агенција МИА. Со него ќе се возобнови средното полициско образование по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста „Елисие Поповски-Марко“.
Новото средно полициско училиште ќе биде двегодишно (трета и четврта година) и ќе запишува средношколци на возраст од 15-16 години кои првите две години ги завршиле во кое било четиригодишно средно училиште во државата. Учениците ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000, во некогашното четиригодишно полициско училиште.
Средното полициско училиште Полициска академија се формира со одлука на Владата, врз основа на Законот за средно полициско училиште, кој беше донесен во август поради недостиг од формализирано средно полициско образование.
До почетокот на учебната година ќе се донесе одлука и за името на училиштето затоа што нема да го задржи некогашното „Елисие Поповски-Марко“. Ќе се изработат и обележја на училиштето.
Откако е укинато училиштето постои основна полициска обука на кандидати од 18 до 25 години, избрани на јавен оглас, кои по една година во Центарот за обука засноваат работен однос во МВР. Според иницијаторите за основање ново средно полициско училиште, тоа не овозможува рана и целосна подготовка на идните полицајци.
За да бидат примени, учениците ќе треба да исполнат општи услови (државјани на Македонија, помлади од 18 години, активно користење на македонскиот јазик, здравствена и психофизичка способност) и посебни услови што ги пропишува министерот за внатрешни работи.

Учениците ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом во склоп на Центарот за обука на МВР во Идризово (Фото: МИА)
Министерството за внатрешни работи околу 1 јули на својата веб-страница ќе го објави јавниот повик за прием на ученици, по што заинтересираните ќе поминат повеќе проверки (здравствени, психофизички), ќе полагаат тест за општо знаење и тест за интегритет и ќе имаат интервјуа пред комисија која ќе ја прави селекцијата на кандидатите. Тие што ќе бидат примени, од 1 септември ќе имаат бесплатно сместување и исхрана во интернатот на Центарот за обука на МВР во Идризово.
„Тестот по општо знаење и психофизичките проверки ќе носат најмногу бодови, а успехот од првите две години средно е последен фактор во рангирањето, но ќе влијае доколку има повеќе пријавени кандидати со ист број бодови. Во зависност од бројот на кандидати, проверките за селекција ќе бидат закажани во неколку термини. Нема да има квоти за девојки и за етнички припадности, затоа што полицијата не ја делиме по некоја основа. Кога ученикот ќе матурира, станува полицаец и има загарантирано работно место. Ќе бидат распоредени во секторите за внатрешни работи од каде што доаѓаат. Најмногу ќе се бара за Скопје и бидејќи СВР Скопје ќе прерасне во Оддел за внатрешни работи, ќе имаат и поголеми плати“, изјави Влатко Митковски, помошник-министерот во Центарот за обука на МВР.
Од општообразовните предмети ќе се изучуваат македонски јазик, англиски јазик, историја, спорт и математика, како изборен.
„Ќе има доста стручни предмети од областа на полициската тактика, етика, методика и криминалистика, содржини што се однесуваат на полициско право и полициски овластувања, кривично и прекршочно право, кривична постапка, уставно и управно право. Ќе имаат и настава за одбранбени вештини, ракување со оружје и гаѓање. Кога ќе станат полнолетни, односно на крајот од четврта година, ќе ракуваат и ќе полагаат со вистинско оружје. И информатиката е задолжителна за да можат да работат со постоечките програми и софтвери на МВР“, додава Митковски.
И по отворањето на средното полициско училиште, во Центарот за обука на МВР ќе продолжат паралелно да се спроведуваат едногодишните основни обуки за полицајци, за кандидати од 18 до 25 години. Во тек е обуката на 600 кандидати и селекцијата за наредната обука на новите 150 кандидати само за подрачјето на Скопје. Митковски вели дека огласите во иднина ќе бидат за помал број кандидати.
Центарот за обука на МВР ќе се прошири за дополнителни 10,5 хектари, каде што ќе се наоѓаат терените за тактичка обука и спорт. Во план е изградба на нов објект за средното полициско училиште Полициска академија, а оваа година ќе се гради и ново стрелиште.



