КУБУРИМЕ СО КАДАР, ЗАТОА РАБОТИМЕ СО УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ДА СЕ НАМАЛАТ ГОДИНИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ, РЕЧЕ АЛИУ

    КУБУРИМЕ СО КАДАР, ЗАТОА РАБОТИМЕ СО УНИВЕРЗИТЕТИТЕ ДА СЕ НАМАЛАТ ГОДИНИТЕ ЗА СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ, РЕЧЕ АЛИУБројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 во јавноздравствените установи, а 13.847 во приватното здравство. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Азир Алиу најави дека се работи на реформи во работата на клиниките и во програмите за специјализации, со оглед на тоа дека во македонското јавно здравство недостасуваат специјалисти од повеќе области.

    ​„Разговарам со директорите на сите клиники. Ние дефинитивно кубуриме со кадар. Веќе интензивно работиме преку професори кои се во Словенија, кои нè споија и со Италија, за да може да се зголеми бројот на професори-специјалисти кои ќе бидат кај нас. Но, тоа не е решение. Разговараме интензивно и со наши Македонци кои се надвор од државата, а се анестезиолози. Со еден од нив сме при крај со потпишување договор за да може да се врати од една земја. Нема да кажам име, бидејќи ќе се знае за кој лекар се работи. Како и да е, паралелно работиме за да се намали овој предизвик, што, за жал, го затекнавме и ќе мора да најдеме решение“, рече Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за недостиг на анестезиолози на клиниките.

    За долгорочно решение, вели тој, се прават измени во наставните програми и годините за специјализации и се усогласуваат со ЕУ стандардите.

    „За жал, иако имаме недостаток на специјалисти, нашите специјализации траат по шест години, додека слични на нив во Европа траат по четири години, понекогаш и три. Таа дискрепанца помеѓу немање на човечки капацитети и наставни програми од шест години е тотално нелогична. Затоа интензивно работиме со универзитетите за да може да се смени, и од временска гледна точка и структурата на наставните програми што се нудат за специјализации“, рече министерот.

    На 19 декември, Алиу, деканот на Медицинскиот факултет во Скопје, д-р Светозар Антовиќ и претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова најавија дека се дефинирани нови програми за специјализација, со кои темелно се менува начинот на кој се создава медицинскиот кадар. Министерот рече дека целта е да добиеме прво лекар со општа специјализација, кој може да одговори на реалните потреби на граѓаните надвор од клиничките болници, во општите и регионалните болници и во секундарното здравство, таму каде што се најголеми реалните здравствени потреби на граѓаните.

    „Суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации. Тоа значи стабилен интернист и стабилен општ хирург, а потоа таму каде што има потреба, процесот на образование ќе продолжи со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како супспецијалистичка надградба. Програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава“, кажа Алиу.

    Деканот Антовиќ рече дека со години Медицинскот факултет го детектира како проблем тоа што со воведувањето на високоспецијализираните специјализации во 2011, резултатите после овие 12-13 години се дека имаме многу високоспецијализиран кадар на места каде што нема потреба.

    „Порано имавме специјализации каде што мора да станете општ хирург или општ интернист кој добива лиценца за општ интернист. Тогаш траеја четири години тие специјализации и тоа ги задоволуваше сите потреби на болниците во секундарното здравство. Оние што работеа на клиниките или во некои од поголемите болници, како Градската општа болница ‘8 Септември’ или Клиниката за хируршки болести ‘Свети Наум Охридски’, беа упатувани на супспецијализација, која трае две години. Или уште попластично, за да станете специјалист или супспецијалист по нефрологија, ви требаа шест години едукација. Не велам дека во внатрешноста не се потребни нефрлози или кардолози, меѓутоа многу е подобро да располагате со кадар кој е со лиценца за општ интернист или хирург кој може да дава поширок дијапазон на услуги. Некако супспецијализациите беа проектирани дека треба да бидат во терциерното здравство. И сега, еве, после таа реформа во 2011 се соочуваме да немаме општи интернисти во голем број на болници. Дежура кардиолог кој не може да препишува терапија од другите области“, кажа Антовиќ. .

    Тој рече оти смета дека треба да се вратат тие општи специјализации.

    „Да се вратат општи специјализации, особено на хирургија и интерна, кои ќе го понудат она што на нашата држава навистина ѝ е потребно и потоа продолжување на супспецијализација од две години, кои, да речеме, би биле наменети за клиничарите. Тоа е најголемиот дел од оваа реформа што ќе го смени начинот како станувате експрет во една област. Бидејќи интерната медицина и хирургијата ни се најболните точки, оттаму и ја почнавме целата работа. За сите останати специјалности, нормално во соработка со професорите од соодветните катедри, понатаму ќе видиме што ќе се случува“, кажа Антовиќ.

    На новинарско прашање од кога ќе почнат да се применуваат новите програми, Алиу рече тогаш кога ќе бидат готови програмите и за останатите области.

    Според д-р Гривчева-Старделова, сегашните специјализации по општа интерна и општа хирургија се предолги кога ги споредуваме со супспецијализациите, па лекарите избираат да одат директно на супспецијализација.

    „И што се случува во нашата реалност? Ако во итна служба дежура ендокринолог и дојде пациент со инфаркт, тој знае да го истретира, но ако се случи нешто со пациентот, докторот работи надвор од лиценцата за работа, што е спротивно на законот. И тука колегите со сиот страв одбиваат да дежураат, бидејќи тие не се соодветни доктори со она што би им го дала интерната медицина. Шест години медицина плус шест години специјализација плус две години супспецијализација е предолго, а тенки сме со кадар“, рече таа.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира