Украинските сили ја погодија една од најважните руски воени фабрики, објави претседателот Володимир Зеленски. Во нападот врз фабриката „Кремниј Ел“ во градот Брјанск биле користени британски проектили со долг дострел „сторм шедоу“, кажа украинската војска.
„Фабриката произведуваше електроника и делови за руски проектили. Оние проектили кои ги гаѓаат нашите градови, села и цивили“, рече Зеленски.
Украинската војска објави снимка од нападот, на која се гледаат најмалку четири големи експлозии. Локалните власти кажаа дека во нападот загинале шест лица, а 42 се повредени.
„Јасно е дека лансирањето на вакви проектили би било невозможно без британски специјалисти“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Фабриката, која беше нападната и во октомври 2024, е еден од најголемите производители на микроелектроника во Русија. Најголемиот дел од производите ги купува министерството за одбрана, вклучувајќи компоненти за крстосувачки проектили и ракетни системи.



