ГИТАРАТА НА ДЕЈВИД ГИЛМОР ОД ПИНК ФЛОЈД ПРОДАДЕНА НА АУКЦИЈА ЗА РЕКОРДНИ 14,6 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

    ГИТАРАТА НА ДЕЈВИД ГИЛМОР ОД ПИНК ФЛОЈД ПРОДАДЕНА НА АУКЦИЈА ЗА РЕКОРДНИ 14,6 МИЛИОНИ ДОЛАРИАукциската куќа „Кристи“ соопшти дека наддавањето траело 21 минута, а купувачот останал анонимен. (Фото: Кристи)

    Црната гитара „Фендер стратокастер“ на Дејвид Гилмор, користена на шест албуми на групата Пинк Флојд, стана најскапиот инструмент од овој вид во историјата, откако на аукција во Њујорк беше продадена за 14,6 милиони долари. Позната како „Black Strat“, Гилмор ја користеше оваа гитара од 1970 до 1983 година, вклучувајќи ги и антологиските изданија „The Dark Side of the Moon“, „Wish You Were Here“ и „The Wall“.

    Аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека наддавањето траело 21 минута, а купувачот останал анонимен. Првичните проценки беа дека инструментот ќе достигне цена меѓу два и четири милиони долари. Гитарата беше дел од обемната колекција на американскиот милијардер Џим Ирсај, кој почина минатата година.

    На истата аукција беше продадено и пијаното на Џон Ленон за 3,2 милиони долари, што се смета за највисока сума платена за предмет кој им припаѓал на Битлси. Претседателот на „Кристи“ за Америка, Жулиен Прадел, изјави дека со секој продаден предмет се чувствувало како да се испишува историјата, бидејќи станува збор за икони кои ја раскажуваат приказната на современата култура.

    Со оваа продажба е надминат претходниот рекорд на Курт Кобејн, чија акустична гитара од настапот на „MTV Unplugged“ во 2020 година беше продадена за шест милиони долари. На завчерашната аукција се појави уште една гитара на Кобејн, синиот „Фендер мустанг“ од спотот за „Smells Like Teen Spirit“, која достигна цена од 6,9 милиони долари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира