ИАКО ПОТПИШАЛЕ ДОГОВОР ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА ОБИКОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО, НА СЕДУММИНА СОПСТВЕНИЦИ СÈ УШТЕ НЕ ИМ Е ИСПЛАТЕН НИТУ ДЕНАР

    ИАКО ПОТПИШАЛЕ ДОГОВОР ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕ ЗА ИЗГРАДБА НА ОБИКОЛНИЦАТА ВО ТЕТОВО, НА СЕДУММИНА СОПСТВЕНИЦИ СÈ УШТЕ НЕ ИМ Е ИСПЛАТЕН НИТУ ДЕНАРОваа обиколница, која всушност е продолжеток на булеварот „Видое Смилевски-Бато“, а која тетовци подбивно ја нарекуваат „Аеродром“, започна да се гради уште во времето на Теута Арифи во 2020 година. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово, пред крајот на минатата година, ја пушти во употреба обиколницата која го поврзува градот со селото Порој, долга околу 1,5 километри. За изградба на последната фаза од делницата, долга околу 650 метри, било експроприрано земјиште од неколку сопственици. Но, иако пред почетокот на изградбата во 2023 година била склучена спогодба со која Општината презела обврска прво да им плати на сопствениците за одземеното земјиште, а потоа да започне со градба, тоа не се случило. Патот е изграден, а тие немаат добиено ниту денар.

    „Јас сум една од сопственичките на недвижности на кои е изграден булеварот „Видое Смилевски-Бато“ до селото Порој. Општина Тетово го градеше на туѓ имот, односно на наш, значи без правосилна постапка за експропријација. Во Управата за имотно-правни работи во Тетово се договоривме со Општината да ни плати за експропријацијата, па потоа да се почне со градба. Ние не ни сакавме да го продадеме имотот. Сепак, инсистиравме на клаузула во договорот: нема градба додека не се изврши исплатата. Таа клаузула воопшто не беше испочитувана“, изјави Ванеса Мекинтош, една од сопственичките на одземеното земјиште.

    За заштита на својот имот и за добивање на ветениот надоместок, седумте сопственици на земјиштето се обиделе да ги остварат своите права преку државните институции; поднеле тужби, го пријавиле случајот во полиција, но сето тоа било залудно бидејќи изградбата на патот и понатаму се одвивала непречено.

    „Прво ни кажаа дека имотот ќе се земе и дека ќе се гради откако ќе нè исплатат. Кога почнаа да градат без наша дозвола, преку нашиот адвокат, а и ние лично, пријавувавме во полицијата, се обидувавме со кривични пријави и опомени пред тужби, но ништо не ја спречи градбата. Тоа е наш имот и сè уште е наш, но е узурпиран. Од Општина Тетово неколку пати ни кажаа дека ќе ни исплатат на три рати, што требаше да биде завршено минатата година. Многу пријави и сите барања ги игнорираа, едноставно ништо не се направи. Татко ми многу го сакаше Тетово и затоа се согласивме на експропријацијата, сакајќи да направиме нешто добро за градот, за подобра урбанизација и подобар сообраќај, верувајќи дека правиме добро дело. Но, наместо коректен однос, добивме игнорирање. Едноставно бевме турнати настрана, а нашиот имот е узурпиран“, заклучува Ванеса Мекинтош.

    Од Општина Тетово, пак, велат дека платиле дел од договорениот износ, но без да прикажат на кого од седуммината сопственици му платиле и колку.

    „Дел од вкупниот паричен износ предвиден согласно Спогодбата за експропријација е веќе исплатен. Поради блокирана сметка на Општината во изминатиот период, не бевме во можност навремено да ги подмириме сите преостанати обврски. Сепак, по надминување на тековните административни и финансиски предизвици, очекуваме во наредниот период целосно да се реализираат преостанатите исплати“, се вели во одговорот на Општина Тетово.

    Оваа обиколница, која всушност е продолжеток на булеварот „Видое Смилевски-Бато“, а која тетовци подбивно ја нарекуваат „Аеродром“, започна да се гради уште во времето на Теута Арифи во 2020 година, кога се изгради делот од крстосницата со улицата „Борис Кидрич“ до касарната во должина од околу 671 метар. Изградбата продолжи од февруари 2020 до април 2021 година, а средствата беа обезбедени од Светската банка.

    Следната делница од околу 650 метри, од касарната во правец кон Порој, беше завршена на почетокот на април 2025 година, а на нејзиното пуштање во употреба присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, иако патот не можеше да се користи бидејќи не беше доизграден и завршуваше во нивите. Од април до декември 2025 се градеше преостанатиот дел до Порој, каде што се поврзува со регионалниот пат Тетово-Јажинце.

    Но, иако поминаа само два-три месеци од финализирањето на изградбата на обиколницата, на повеќе места од новоизградениот пат се појавија големи дупки, најверојатно поради лошата изведба. Тогаш градоначалникот Касами изјави дека ќе се бара одговор од фирмата-изведувач да ги поправи грешките.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира