Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата „Ен-Би-Си“ изјави дека иако иранските власти имаат желба за постигнување договор, тој во моментов не е подготвен на таков чекор бидејќи понудените услови не се доволно добри. Трамп не откри конкретни детали за преговорите, но рече дека секој иден договор мора да вклучува обврска од страна на Иран за целосно откажување од нуклеарните амбиции.
Во однос на безбедноста на поморските патишта, претседателот на САД изјави дека неколку држави се обврзале да помогнат во обезбедувањето на Ормускиот теснец, без да прецизира за кои земји станува збор. Тој се осврна и на нападите врз островот Карг, кој е клучна точка за извоз на иранска нафта, тврдејќи дека објектите таму се целосно уништени, но додаде дека се можни дополнителни напади „само за забава“. Трамп ги отфрли грижите за евентуален скок на цените на нафтата, наведувајќи дека пазарот е добро снабден и дека моменталните пречки наскоро ќе бидат отстранети.
За време на разговорот, Трамп покрена сомнежи и за состојбата на новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хаменеи, кој го наследи својот убиен татко, ајатолахот Али Хаменеи. Повод за ваквите коментари е тоа што првото обраќање на Хаменеи беше во писмена форма, а не преку видеоснимка. Претседателот на САД рече дека кружат гласини оти тој можеби не е жив, додавајќи дека доколку е, најпаметно за неговата земја би било да се предаде.



