ВОЈНАТА ВО ИРАН БРЗО ЌЕ ДОНЕСЕ И ПОСКАПУВАЊЕ НА АВИОНСКИТЕ БИЛЕТИ

    ВОЈНАТА ВО ИРАН БРЗО ЌЕ ДОНЕСЕ И ПОСКАПУВАЊЕ НА АВИОНСКИТЕ БИЛЕТИВисоките цени на горивото може да доведат и до кратење на одредени линии кои биле профитабилни со поевтина нафта. (Фото: СДК.МК)

    Војната со Иран веќе предизвикува сериозни нарушувања на енергетскиот пазар, што директно ќе се одрази врз џебот на патниците низ светот преку зголемување на цените на авионските билети. Цената на сировата нафта нагло порасна по нападите на САД и Израел врз Иран, надминувајќи 100 долари за барел за првпат во речиси четири години.

    Извршниот директор на американската авиокомпанија „Јунајтед ерлајнс“, Скот Кирби, вели дека влијанието на горивото врз финансиските резултати ќе биде значително и веројатно ќе се почувствува брзо. Покрај економските последици, војната предизвика и огромни оперативни проблеми, при што од крајот на февруари се откажани речиси 50.000 летови во регионот.

    Трошоците за керозин се втората најголема ставка за авиокомпаниите, веднаш по платите на вработените, и учествуваат со 20 до 30 проценти во вкупните расходи. Експертите објаснуваат дека историски гледано, компаниите брзо ги покачуваат цените на билетите кога горивото поскапува, па се очекува тие да растат пропорционално со трошоците.

    Сепак, способноста на авиокомпаниите да ги префрлат овие трошоци на патниците ќе зависи од побарувачката. Доколку инфлацијата или невработеноста ги натераат граѓаните да ги скратат плановите за патување ова лето, компаниите ќе имаат ограничен простор за поскапување, без оглед на нивните трошоци. Од „Саутвест ерлајнс“ велат дека патниците често купуваат билети однапред, па компанијата не може секогаш навремено да воведе доплати за гориво за да ги покрие наглите поскапувања.

    Високите цени на горивото може да доведат и до кратење на одредени линии кои биле профитабилни со поевтина нафта. Намалената понуда на седишта сама по себе е фактор што може дополнително да ги зголеми цените. Некои светски компании, како „Кантас ервејс“, веќе ги покачија цените на билетите, наведувајќи ги трошоците за гориво за време на војната како главна причина.

    За да се заштитат од нестабилноста, дел од компаниите како германска „Луфтханза“ и ирски „Рајанер“ користат финансиски договори за да ги фиксираат цените на горивото однапред. Други, пак, се фокусираат на модернизација на флотата со поекономични авиони или користење на одржливо авионско гориво, кое во 2025 година претставува само мал дел од светската потрошувачка.

    Американскиот министер за транспорт, Шон Дафи, изрази оптимизам за закрепнување на енергетските пазари, но аналитичарите советуваат дека оние кои планираат патувања за јуни и јули треба веднаш да ги купат своите билети. Колку подолго трае конфликтот, толку е поголема веројатноста за негативно влијание врз патниците.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира