ЌЕ БИДЕ МНОГУ ЛОШО ЗА ИДНИНАТА НА НАТО АКО НЕ НИ ПОМОГНЕ ОКОЛУ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ, РЕЧЕ ТРАМП

    ЌЕ БИДЕ МНОГУ ЛОШО ЗА ИДНИНАТА НА НАТО АКО НЕ НИ ПОМОГНЕ ОКОЛУ ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ, РЕЧЕ ТРАМППреминот е ефикасно затворен за поголемиот дел од светскиот танкерски сообраќај откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари (Фото: АП)

    Доналд Трамп предупреди дека ќе биде многу лошо за иднината на НАТО ако не помогне во обезбедувањето на Ормускиот Теснец, каде што бродскиот сообраќај е речиси целосно прекинат од почетокот на американско-израелските напади врз Иран. Неговото барање за формирање коалиција која би помогнала во повторното отворање на тесниот морски премин не наиде на одѕив, при што Јапонија и Австралија јасно порачаа дека немаат намера да испратат воени бродови на Блиски Исток.

    Американско-израелската војна против Иран влезе во третата недела, без назнаки за смирување или компромиси од двете страни. Трамп викендов ги повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија да им се придружат на САД во тимските напори за обезбедување на Теснецот.

    Разговарав со седум држави за одржување на Ормускиот Проток“, рече Трамп, наведувајќи ја само Кина, за која кажа дека е силно зависна од испораките на нафта од Блиски Исток.

    Тој додаде дека е соодветно земјите кои имаат корист од Ормускиот Теснец да помогнат во неговото повторно отворање.

    Барам овие земји да дојдат и да ја заштитат својата територија бидејќи тоа е нивна територија. Тоа е местото од каде што ја добиваат својата енергија. Ако не добијам одговор од други земји, тоа би можело да биде многу лошо за иднината на НАТО. САД беа многу фини кон европските сојузници. Не моравме да им помагаме со Украина, таа е илјадници километри од нас, но им помогнавме. Сега ќе видиме дали ќе ни помогнат. Одамна велам дека ние ќе бидеме тука за нив, но тие нема да бидат тука за нас. Ќе запамтиме ако не ни помогнат“, рече Трамп.

    Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека нејзината земја е ограничена од својот устав и нема план да испраќа воени бродови на Блиски Исток, од каде што добива 95% од својата нафта.

    „Продолжуваме да испитуваме што Јапонија може да направи самостојно и што може да се направи во рамките на законската рамка“, изјави Такаичи.

    Министрите за надворешни работи на Европска Унија денеска ќе разговараат за зајакнување на малата поморска мисија на Блиски Исток, но не се очекува да донесат одлука за проширување на нејзината улога во Ормускиот Теснец, велат дипломати и официјални лица. Британскиот премиер Кир Стармер разговараше со Трамп и со канадскиот премиер Марк Карни за кризата во теснецот, додека Јужна Кореја изјави дека внимателно ќе го разгледа барањето на Трамп.

    Иако некои ирански бродови продолжија да минуваат, преминот е ефикасно затворен за поголемиот дел од светскиот танкерски сообраќај откако САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира