МАКПЕТРОЛ ПРЕДЛАГА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА НАБАВНАТА ЦЕНА НА ГОРИВАТА

    МАКПЕТРОЛ ПРЕДЛАГА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА НАБАВНАТА ЦЕНА НА ГОРИВАТАОд нафтената компанија предупредуваат дека постои огромна веројатност цените на суровата нафта на светските берзи и понатаму да растат. (Фото: Макпетрол)

    Најдобро решение за надминување на проблемот со високите цени на енергенсите е замрзнување на набавните, а со тоа и на малопродажните цени на нафтените деривати, велат од „Макпетрол“. Од компанијата додаваат дека ваквото решение е веќе воспоставена пракса во регионот и во Европа и е во интерес на сите засегнати страни.

    Од „Макпетрол“ соопштија дека и покрај најавите во јавноста за намалување на набавната цена на дизелот, тие до денес немаат добиено официјално известување од ОКТА за промена на договорните услови. Наместо најавениот попуст, добавувачот и понатаму испраќа фактури во полна сума.

    Во однос на соопштението од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) со кое нафтените компании беа повикани да ги намалат малопродажните цени за два денари по литар, од Макпетрол сметаат дека ова тело излегува надвор од своите овластувања и професионалните стандарди. Компанијата вели дека ова не е вистинското решение, што според нив се потврдува и со денешниот голем пораст на цените кој го објави РКЕ.

    Од нафтената компанија предупредуваат дека постои огромна веројатност цените на суровата нафта на светските берзи и понатаму да растат. Доколку не се изнајдат соодветни решенија, според Макпетрол, штети ќе трпат и граѓаните и целата економија.

    Денешната одлука на РКЕ предвидува бензините и екстра лесното масло за домаќинство од полноќ да поскапат за седум денари по литар, додека дизелот ќе се продава по цена повисока за шест и пол денари. Ова следува по минатонеделниот пораст кога дизелот поскапе за 14 денари, а бензините за пет денари по литар.

    Претходно во петокот, министерката за енергетика Сања Божиновска изјави дека очекува трговците на мало да го следат примерот на ОКТА, која најави попуст од 2,4 денари за килограм за сите свои коминтенти до крајот на март.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира