ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА НЕ ОЧЕКУВАЛ ИРАН ДА ГИ НАПАЃА СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ, ИАКО БИЛ ПРЕДУПРЕДЕН

    ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА НЕ ОЧЕКУВАЛ ИРАН ДА ГИ НАПАЃА СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ, ИАКО БИЛ ПРЕДУПРЕДЕНИран вчера нападна нафтена постројка во Фуџаира во ОАЕ, што предизвика голем пожар (Фото: АП)

    Доналд Трамп кажа дека војната со Иран нема да заврши оваа недела, иако претходно тврдеше дека иранската војска е целосно уништена.

    Не верувам дека ќе заврши оваа недела, но ќе заврши наскоро. Нема да трае долго. Имам обврска да го завршам ова, светот ќе биде побезбеден потоа“, рече Трамп.

    Иран утрово лансираше нови напади врз Обединетите Арапски Емирати, во кои загина едно лице, продолжувајќи со одмаздничките удари кон соседните заливски земји, за кои Трамп призна дека не ги очекувал, иако, како што изјавија извори за „Ројтерс“, бил предупреден дека ќе се случат.

    Иран испукува ракети кон секоја земја во радиус од 1.500 километри. Тие лансираат илјадници проектили кон земји кои не очекуваа дека ќе бидат во оваа војна. Иран не требаше да ги напаѓа другите земји на Блиски Исток. Никој не го очекуваше тоа. Сите бевме шокирани“, кажа Трамп.

    Уште пред почетокот на американско-израелските напади, тогашниот врховен водач Али Хамнеи предупреди дека секој напад врз Иран ќе прерасне во регионална војна. Иран во меѓувреме нападна десетина земји во регионот.

    Еден американски функционер изјави дека Трамп бил информиран пред војната дека нападот врз Иран би можел да предизвика поширок регионален конфликт и иранска одмазда против соседните земји, но и дека Иран веројатно ќе се обиде да го затвори Ормускиот Теснец, низ кој минуваат 20% од светската нафта.

    Трамп сега бара помош од други држави во напорите да се одржи Ормускиот Теснец отворен за танкери, но досега не доби потврден одговор од никого. Неколку сојузници на САД отворено кажаа дека нема да испратат воени бродови на Блиски Исток, порачувајќи дека ова не е нивна војна и не сакаат да бидат вмешани.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира