Тетовскиот фотограф Зоран Андонов ја отвора изложбата на документарна фотографија „Водици 2002-2026“ на 18 март во 19ч во Музејот на тетовскиот крај. Ова е петта самостојна изложба и втора на тема документарна фотографија на новинарот и фоторепортер Андонов, кој е и постојан дописник на САКАМДАКАЖАМ.МК од Тетово.
Во изложените фотографии Андонов ја обработува темата Водици, многу почитуван верски празник, но и чествување, за кое вели дека дава можност да се направи добра, а и мошне атрактивна фотографија.
„Ако зборуваме со речникот на фотографијата, тогаш Водици сигурно е еден од најфотогеничните верски празници. Сета таа процесија, почнувајќи од службата во црквата, насобраниот народ, осветувањето на водата, чин кој најчесто го извршува владиката, па оние млади, а некогаш и постари, момчиња кои бестрашно и со атрактивни скокови влегуваат во плиткиот црковен базен со ладна вода, борбата меѓу нив кој ќе го фати крстот, заедничката радост и честитањето на победникот и на крајот големата желба на насобраниот народ да наполни барем едно шишенце од осветената вода, сето ова дава прекрасна можност да се направи не само документарна фотографија туку и фотографија која ќе има и уметнички предиспозиции“, вели фотографот Андонов.
Во 2001 Андонов го купил својот прв дигитален фотоапарат, мал, практичен и лесен за носење и веќе наредната година на празникот Водици ги направи првите фотографии од чествувањето во тетовската црква „Св. Кирил и Методиј“.
„Од 2002 почнав редовно да го следам чествувањето на Водици (ги имам пропуштено само 2003, 2010, 2016, 2021 и 2025 и тоа поради објективни причини). Од 2018 почнав да го следам положувањето на крстот и во Црквата ‘Св. Богородица’ во Горно Маало, а на оваа изложба имам фотографии и од чествувањето на Водици во селата Стенче и Волковија како и во манастирот ‘Св. Јован Бигорски’, односно положувањето на крстот во реката Радика“, додава Андонов.
На изложбата се претставени 162 фотографии кои се групирани по шест за секоја година од чествувањето. Изборот на овие изложени фотографии на изложбата не бил лесен бидејќи морал да избира од повеќе од 3.000 фотографии на оваа тема.
„Фотографирајќи го празникот Водици во изминативе 24 години снимив преку 3.000 фотографии. Од нив одбрав 162 кои се потставени на оваа изложба. За секоја година одбрав по шест фотографии правејќи на тој начин по една мала приказна од најзначајните моменти кои го одбележале ова чествување. Акцентот го ставив на документарната фотографија која е тесно поврзана со мојата професија новинар, но секако се обидов да го запазам и уметничкиот аспект на овие фотографии. Празникот Водици навистина е благородна тема за фотографирање па така неколку од изложениве фотографии беа примени на изложби организирани во Македонија, но и во странство“, вели Андонов.
Андонов, роден во 1959, по професија е новинар со 37-годишно работно искуство. Како новинар известувал за националните медиуми МТВ, Канал 5, и во весниците „Вест“, „Дневник“ и „Утрински весник“ како новинар и фоторепортер. Како новинар дописник од Тетово известувал за бројни настани со разна тематика, а неговите фотографии, освен во домашните пишани и електронски медиуми, повеќе пати биле објавувани и од странски новински агенции.

Изборот на изложени фотографии на изложбата не бил лесен бидејќи морал да избира од повеќе од 3.000 фотографии на оваа тема. (Фото: З. Андонов)
Со фотографија се занимава повеќе од 40 години. Од 1993 година член е на Фото сојузот на Македонија (ФСМ), а од 2018 година член на Извршниот одбор на ФСМ. Во 2012 година го добива звањето „Фотограф права класа“ на Фото сојузот на Македонија. Досега има реализирано 4 самостојни изложби на фотографија, а учествувал и на голем број републички и меѓународни изложби на фотографија од каде има освојувано повеќе награди и признанија. Член е на Фото групата „Чкрап!“ од Тетово.
Б. НЕСТОРОСКА




