Премиерата на новата претстава на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, „Тестостерон“ од полскиот автор Анджеј Серемонович, во режија на Синиша Евтимов, е закажана на 27 март, на Светскиот ден на театарот. Со оваа претстава ќе биде отворен театарскиот фестивал „5ре“.
„На прво читање се пронајдов во текстот и ја видов поделбата. Направивме совршена комбинација на сите театарски елементи за да се создаде едно дело. Почестен сум што сум дел од оваа приказна, втора година по ред со моја претстава се отвора фестивалот ‘5ре’, што е за мене голема чест. Креираме дело кое долго ќе трае, ќе живее. Авторот напишал седум маестрални ролји и актерите создадоа седум фантастични улоги“, рече Евтимов.
Во „Тестостерон“ играат Жарко Спасовски, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Фаик Мефаиловски, Благојчо Стојанов, Филип Христовски и Стефан Николовски. Оригинална музика за претставата создаде Сашко Костов, сценограф е Филип Коруновски, а Јордан Симонов е асистент на режија.
„Текстот го имам читано пред неколку години, ми остави силен впечаток и во координација со режисерот Евтимов решивме да го поставиме на велешката сцена. Имаме прекрасна поделба на улогите. Верувам дека публиката ќе ужива од првиот до последниот момент од претставата“, кажа директорот Спасовски, кој и игра во претставата.
Евтимов жанровски ја категоризира претставата како драма, иако вели дека е познат по комедијата.
„Овде станува збор за сериозна човечка драма. Седум машки исповеди, тајни машки разговори кои ги споделуваат меѓусебе. Жените ќе видат една поинаква страна на мажите, кога тие емоционално се разголуваат. Станува збор за неуспешна свадба, тука се младоженецот, неговиот брат, кумот, татко му и тројца случајни ликови, тие споделуваат траума. Од човечките ситуации излегуваат комични моменти, но жанровски е драма. Човекот се смее на туѓата несреќа, така што претпоставувам ќе има комични елементи“, рече Евтимов.
П. ПЕЧКОВ



