Македонски и српски експерти добиваат од 13.000 до 25.000 евра месечен хонорар за нивниот ангажман во изградбата на коридорите 8 и 10, односно автопатиштата што ги градат „Бехтел и Енка“. Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) во рамките на проектот „Јавен надзор над јавните набавки“.
Истражувањето покажува дека трошоците за изградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10д продолжуваат да растат. Покрај договорите за изградба и за надзор, во ноември 2025 година е склучен договор за техничка експертска помош за вработените во Јавното претпријатиеза Државни патишта (ЈПДП) во вредност од 3,8 милиони евра. Тендерот за експертска помош е спроведен врз основа на стара проектна програма, изготвена пред почетокот на градежните активности на коридорите и откако веќе биле потрошени 381 милион евра.
„Договорот следува две години по формирањето на посебната проектна единица за изградба на автопатските делници и откако бројот на вработени во претпријатието се зголемил за 42 % односно од 352 на 501 вработен. Хонорарите на ангажираниот македонско-српски експертски тим се движат меѓу 13.000 и 23.000 евра месечно, по експерт. Сепак, најголем дел од експертите ќе бидат ангажирани по 50 % од нивното време, а дел и помалку. За 4 години ангажман, тим-лидерот ќе заработи 550.000 евра. Осуммина експерти ќе добијат меѓу 272.000 и 500.000 евра, секој од нив поединечно, додека четворица се со договори со пониска вредност меѓу 38.000 и 156.000 евра“, се вели во истражувањето.
Во тимот на експерти е и лице од проектната единица за имплементација на проекти на Светска банка формирана во Министерството за транспорт. Нејзиниот месечен надоместок во Министерството според податоците на Отворени финансии, изнесува 1.600 евра бруто (99.000 денари), а како експерт „Државни патишта“ ќе ја плаќаат 10 пати повеќе, односно 15.600 евра месечно.
ЈП за државни патишта годишно ќе плаќа околу 950.000 евра за овие 13 експерти. Оваа сума е колку платите и надоместоците за 92 вработени во претпријатието.
„Висината на хонорарите на новоангажираните експерти е неколкукратно повисока и од цената што Државни патишта ја плаќаат за консултантски услуги од професорите од Градежен факултет, по 1.300 евра месечно.
Во „Државни патишта“ ги очекувале овие енормно високи хонорари. Имено, проценетата вредност на тендерот не била јавно објавена, но единствениот тим на понудувачи ја погодил со разлика од 0,02 %. Договорот за ангажман на 13 експерти во период од 4 години е склучен со единствениот понудувач САФЕГЕ Скопје, кој поради малиот финансиски и професионален бекграунд, е поддржан од Suez Consulting (SAFEGE) Франција и од САФЕГЕ Белград“, покажа истражувањето.
Седум експерти од тимот се од Македонија, а шест од Србија. Ниту еден од нив не е вработен во САФЕГЕ Скопје, сите имаат склучено договори за деловно-техничка соработка со фирмата. Како што велат од Центарот за граѓански комуникации високите хонорари отвораат сериозни прашања за економичноста, оправданоста и ефективноста на трошењето на јавните средства.
А. АНТЕВСКА




