Доналд Трамп ја стави јапонската премиерка Санае Такаичи во непријатна ситуација, кога на нивната прва средба во Белата куќа го спореди нападот врз Иран со изненадувачкиот јапонски напад врз Перл Харбор во Втората светска војна.
Запрашан од јапонски новинар зошто САД не ги известиле сојузниците пред да почнат со нападите врз Иран на 28 февруари, Трамп кажа дека така се задржал елементот на изненадување.
„Кој знае подобро за тоа? Зошто вие не ни кажавте за Перл Харбор? Вие верувате во изненадување исто колку и јас“, рече Трамп, додека Такаичи се потпре на фотелјата со вознемирен израз на лицето.
Во ненајавениот јапонски напад на американската Пацифичка флота во 1941 загинаа над 2.400 Американци, што беше повод САД да влезат во војната.
„Изненадувачкиот напад врз Иран им помогна на САД, за два дена уништивме 50% од она што го очекувавме“, рече Трамп.
Тој ја пофали Јапонија што, за разлика од НАТО, помогнала во напорите да се обезбеди Ормускиот Теснец. Сепак, од кабинетот на Такаичи кажаа дека Јапонија не добила специфично барање од САД за испраќање бродови на Блиски Исток.



