Данските војници испратени на Гренланд биле спремни да ги разнесат пистите на клучните аеродроми поради стравувањата дека Доналд Трамп би можел да нареди инвазија на арктичкиот остров, објави данската телевизија „ДР“. Повикувајќи се на десетина извори од данската влада и војска, „ДР“ објави дека биле испратени и залихи на крв заради лекување ранети во случај на конфликт.
„Само мал број луѓе беа запознати со операцијата од безбедносни причини“, изјави функционер од данското министерство за одбрана.
И САД и Данска се членки на НАТО, па прашањето на Гренланд предизвика голема поделеност помеѓу Вашингтон и Европа. Откако се врати во Белата куќа, Трамп не крие дека сака да го анектира Гренланд, сметајќи дека тоа е важно за националната безбедност на САД.
Поради заканите од Трамп, неколку европски држави испратија мал број војници на Гренланд заради, како што беше кажано, заедничка вежба со Данска. Според „ДР“, главната причина била подготовка за можна американска инвазија, па меѓу нив имало и трупи обучени за војување во студени, планински области. Била донесена одлука дека данските војници ќе се борат ако Американците нападнат и биле спремни да ги разнесат пистите на аеродромите во Нук и Кангерлусуак.
„Цената за САД би морала да се зголеми. САД би морале да извршат непријателски чин за да го добијат Гренланд“, изјави извор од данската одбрана, признавајќи дека е малку веројатно дека Данците би можеле да одбијат американски напад.
Ситуацијата се смири по Светскиот економски форум во Давос во јануари, каде што Трамп кажа дека нема да примени сила за да го добие Гренланд и ќе инсистира на преговори за да се најде компромисно решение.



