ПОЧИНА СЛИКАРОТ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИ

    ПОЧИНА СЛИКАРОТ ИЛИЈА ПЕНУШЛИСКИСликарот не смее да биде зихераш, рече Пенушлиски, еден од најреномираните македонски уметници, на последната изложба „Градови“ во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Почина Илија Пенушлиски, еден од најреномираните македонски сликари, соопшти неговиот син Илија Митрев-Пенушлиски во објава на социјалните мрежи. Имаше 79 години.

    „Татко ми почина вчера. Живееше без преправање, без оклоп, непропустлив за бучавата на времето. Живееше со длабок хуманизам, незаситна љубопитност, желба за живот и непоколеблива луцидност и присутност. Немаше никаква приврзаност кон нештата – само кон идеите, креацијата и луѓето. Беше исклучителен уметник, познат на многумина, но рамнодушен кон тоа да биде познат. Неговите идоли беа уметници, каубои, пијаници и Хозе Мухика“, вели Митрев-Пенушлиски.

    Илија е син на Кирил Пенушлиски, истакнат македонски фолклорист роден во Солун, а беше сопруг на Илинка Митрева, поранешната министерка за надворешни работи и пратеничка од редовите на СДСМ, која почина на 31 јули 2022.

    Роден е во Скопје 1947. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1971 година. Во 1972/73 бил на постдипломски студии на Прат институтот во Њујорк како Фулбрајтов стипендист, и има бројни самостојни изложби во земјава и во странство.

    Неговата последна изложба, изложба „Градот“, каде за првпат во својата плодна и светска кариера работи со дигитална графика, беше во 2018 во скопската галерија „Акантус“.

    „Познавам раскошни градови. Сум видел и грди градови. Го знаев и го сакав Скопје. Сликам градови со децении. Ме опседнуваат. Од магијата на градот не можеш да побегнеш“, кажа тогаш Пенушлиски, а на прашањето зошто вели дека го сакал Скопје, рече: „Оти не го сакам веќе. Јас сум роден скопјанец, цел живот сум во Скопје, но на Водно не сум се качил. Чист воздух не ми годи на здравјето. Фудбал не сум шутнал, такво ми беше и друштвото, ние бевме повеќе по шах, карти, женски и кафеани. Денес од Скопје ми се допаѓа само името, ми ѕвони во ушите, ме потсетува на еде град кој веќе го нема. Скопје беше град со дух. Сега не можам да откријам ниедна улица што нема да ме извади од памет“.

    „На Скопје му се случија две катаклизми, земјотресот 1963 и Скопје 2014. Првпат го видов Скопје по земјотресот од Железничкиот мост. Душата ми се скина. Се утепав од плачење. Тоа беше мојот град. Но, што сака човек од еден град? Не е само архитектурата, не се само луѓето, тоа е еден меланж од настани и од сопствени спомени. Скопје имаше дух, ако беше мал град, се однесуваше поградски отколку денес. Да не почнувам за ова што се случи за Скопје 2014. Откако се случи, центарот е забранета зона за мене. Не можам да ја поднесам таа грдотија“, рече Пенушлиски.

    Тој тогаш кажа дека никогаш не бил вљубеник во големи изложби и чести излагања. Тоа му се чинело малку чаламџиски, како еден вид додворување на публиката. За да се случи нова изложба треба да се случи вистински повод, некој сериозен напредок.

    „Сликарот не смее да биде зихераш. Оваа изложба е резултат на мојата љубопитност, обид да пливам во непознати води. Сакав да ги истражам можностите што ги нудат новите технологии“, рече уметникот.

    Во февруари 2022, Пенушлиски јавно ја замоли Галичката ликовна колонија да го повлече неговото дело кое беше поставено во бугарскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје и од Центарот да го избрише неговото име од излогот. Сликата беше дел од изложбата „Заедно“, која на 25 ноември беше отворена за промоцијата на новите простории на бугарскиот КИЦ. Пенушлиски во јавната реакција рече дека сликата ја насликал за време на Галичката ликовна колонија пред 20-тина години, и дека од изненадени пријатели дознал оти неговото име стои и на излогот на центарот.

    „Се прашувам, која е смислата на оваа изложба? Кого таа го претставува? Во некој нормален свет една ваква изложба би била вообичаен пример за културна соработка меѓу два народа. Но, со оглед на зацементираниот бугарски став за непостоење на македонска нација, на македонски јазик, па од таму и на македонско сликарство и култура, одговорот се наметнува – за нив, Бугарите, изложбата не може да биде ништо друго освен изложба на дела од бугарски Бугари и македонски Бугари. А на таа изложба ме убутале и мене. Сè додека бугарската политиката не престане со примитивните и за нас болно навредливи посегнувања по сржта на на нашето постоење, секоја ‘културна соработка’ ќе биде травестија“, реагираше Пенушлиски.

    Погребот ќе се одржи на 21 март на градските гробишта Бутел во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира