Куба порача дека нема да преговара за својот политички систем и за мандатот на својот претседател во разговорите со САД, откако се појавија извештаи дека Вашингтон бара заминување на Мигел Дијас-Канел.
„Можам категорично да потврдам дека политичкиот систем на Куба не е предмет на преговори, исто како и позицијата на кој било кубански функционер, вклучувајќи го претседателот Дијас-Канел“, изјави заменик-министерот за надворешни работи Карлос Фернандес де Косио.
Куба пред една недела потврди дека почнала разговори со владата на САД, откако блокадата на увоз на нафта, наметната од Доналд Трамп, ја продлабочи енергетската криза во земјата. Трамп неодамна кажа дека може да прави со Куба што сака и дека ќе му биде чест да ја преземе.
„Куба се подготвува за можна агресија од САД. Не седиме со скрстени раце, сфаќаме дека може да има агресија. Секој надворешен агресор ќе се соочи со непробоен отпор“, рече Дијас-Канел, кој има уште две години од претседателскиот мандат и пет како шеф на Комунистичката партија.
Американските медиуми објавија дека Трамп е спремен да склучи економски договор со Куба што ќе ги олесни трговските ограничувања, под услов Дијас-Канел да си оди од функцијата.



