Иранските напади врз американските бази на Блиски Исток предизвикале штета од најмалку 800 милиони долари во првите две недели од војната, покажа нова анализа на Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС). Најголемиот дел од штетата потекнува од првичните одмазднички напади на Иран откако САД и Израел ја почнаа војната.
Иако целосните размери на штетата не се познати, и оваа сума укажува на високата цена на конфликтот за САД, при што не се наѕира неговиот крај.
Иран, меѓу другото, нападна американски противвоздушни и комуникациски системи во Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Бахреин, Кувајт и други земји од регионот. Особено голема штета била направена во напад врз радар во воена база во Јордан, велат од ЦСИС. Неговата вредност се проценува на 485 милиони долари.
Сателитски снимки покажуваат нови оштетувања на американските воздухопловни бази во Кувајт, Катар и Саудиска Арабија.
Од почетокот на војната загинаа 13 американски војници, од кои седум во напад врз база во Кувајт.



