Израел кажа дека иранските сили за првпат од почетокот на војната лансирале проектил со долг дострел, проширувајќи го ризикот од напади подалеку од Блиски Исток. Шефот на израелската војска Ејал Замир изјави дека Иран испукал балистички проектили со дострел од 4.000 километри во вчерашниот напад врз американско-британската воена база на островот Диего Гарсија во Индискиот Океан, иако досега тврдеше дека располага со ракети со дострел до 2.000 километри.
„Овие ракети не се наменети за напади врз Израел, туку можат да досегнат и до европските престолнини. Берлин, Париз и Рим се во дометот на директна закана“, рече Замир.
Иако Трамп тврди дека иранската војска е целосно уништена, проектили и дронови и натаму паѓаат врз Израел и регионот. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кажа дека изминатата вечер била многу тешка за Израел откако повеќе од 100 луѓе беа ранети и беа предизвикани големи штети во иранските напади врз јужните градови Димона и Арад.
Се верува дека мета на нападот била нуклеарна постројка оддалечена 13 километри од Димона, што уследи откако Израел ја бомбардираше иранската нуклеарна постројка Натанз. И додека Израел тврди дека нуклеарниот центар „Шимон Перес“ во пустината Негев служи исклучиво за истражувања, долго време се верува дека таму се чува непријавено нуклеарно оружје.



