МЛАДИТЕ ОД 18 ДО 28 ГОДИНИ ИЗЛЕГОА МАСОВНО НА РЕФЕРЕНДУМ ВО ИТАЛИЈА И ГИ ОТФРЛИЈА УСТАВНИТЕ РЕФОРМИ НА МЕЛОНИ

    МЛАДИТЕ ОД 18 ДО 28 ГОДИНИ ИЗЛЕГОА МАСОВНО НА РЕФЕРЕНДУМ ВО ИТАЛИЈА И ГИ ОТФРЛИЈА УСТАВНИТЕ РЕФОРМИ НА МЕЛОНИВирално видео во кое се појавува Џорџа Мелони масовно се споделува на интернет. Во видеото, едно момче прави селфи со неа и отворено ѝ кажува дека не би ја поддржал нејзината партија. Наместо да реагира грубо, таа одговара смирено, велејќи дека таквите разлики се дел од демократијата. (Фото: Инстаграм/принтскрин од видео)

    Италијанската премиерка Џорџа Мелони се соочи со првиот сериозен политички пораз откако на дводневниот референдум граѓаните ги отфрлија предложените уставни реформи во правосудството. Со излезност од 58,9 проценти на национално ниво, мнозинството од 54 отсто од гласачите се изјаснија против планот на владата за промена на Уставот.

    Најголемо влијание врз ваквиот исход имаше токму Генерацијата Зед. Младите на возраст од 18 до 28 години покажаа рекорден интерес за референдумот со излезност од дури 67 отсто. Од нив, 58,5 проценти гласаа против реформите, што ги позиционираше како највлијателна група за крајниот резултат. Оваа висока мобилизација е во остра спротивност со Генерацијата Ипсилон (миленијалци), односно лицата од 29 до 44 години, кај кои е забележана највисока стапка на апстиненција од 47,5 отсто.

    Податоците покажуваат дека изборот на гласачите бил тесно поврзан со нивниот социјален статус и образованието. Опцијата „не“ беше убедливо најзастапена меѓу студентите и високообразованите граѓани. Спротивно на нив, поддршката за реформите беше поизразена кај лицата со завршено само основно образование и кај домаќинките, додека работничката класа беше речиси подеднакво поделена меѓу двете опции.

    Иако владата тврдеше дека промените се клучни за зајакнување на независноста на судството преку поделба на судиите од обвинителите, опозицијата и младите гласачи оценија дека предлогот ќе го зголеми политичкото влијание врз судовите. Покрај техничките аспекти на реформата, на расположението влијаеја и економската состојба, енергетската криза и неодамнешните скандали во власта. Премиерката Мелони преку видеопорака изјави дека ја почитува јасната одлука на Италијанците, но изрази жалење за пропуштената можност за модернизација на земјата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира