ПРЕД УРИВАЊЕ Е ОХРИДСКОТО УЧИЛИШТЕ „СВEТИ САВА“ ОД 19. ВЕК ПРОГЛАСЕНО ЗА ЗНАЧАЈНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ОД „ОХРИД СОС“ БАРААТ ИТНА САНАЦИЈА

    ПРЕД УРИВАЊЕ Е ОХРИДСКОТО УЧИЛИШТЕ „СВEТИ САВА“ ОД 19. ВЕК ПРОГЛАСЕНО ЗА ЗНАЧАЈНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, ОД „ОХРИД СОС“ БАРААТ ИТНА САНАЦИЈАОд Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ бараат од ГП „Гранит“, во чија сопственост веќе подолго време е објектот, да преземат активности за да се спаси и сочува овој вреден објект кој е оставен на забот на времето. (Фото: СДК.МК)

    Некогашното училиште „Свети Сава“ во стариот дел на Охрид, изградено на крајот од 19. век, е во исклучително лоша состојба со  рушење со распадната фасада и уништен кров,  иако е прогласено за значајно културно наследство на Македонија.

    Од Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ бараат од ГП „Гранит“, во чија сопственост веќе подолго време е објектот, да преземат активности за да се спаси и сочува овој вреден објект кој е оставен на забот на времето.

    „Делува малку иронично, најстарото и најголемо македонско претпријатие за изградба, кое располага и со стручен кадар и со технологија, кое изградило толку многу во републиката, регионот и странство, да не реагира соодветно за еден ваков објект во старото градско јадро на Охрид. Ги потсетивме дека она што им е отстапено од страна на Општина Охрид има своја историја и значење и дека титулата споменик на културата или културно добро од особена важност не е само формално доделена од институциите, туку таа претставува и обврска. Овој објект е дел и од културното наследство на Охридскиот Регион кое е на Листата светско наследство на УНЕСКО“, се вели во соопштението на Иницијативата.

    Од „Охрид СОС“ побарале информации за нивните намери, дали имаат изготвено план за итна реконструкција и реставрација на објектот, со приоритет да се зачува изворниот изглед и специфики на објектот.

    „Објектот забрзано деградира и постои опасност од обрушување доколку не се преземат итни мерки. Веќе се срушени делови од подот, а меѓукатната конструкција е уништена. Пропаѓа и фасадата, а веќе подолго време делови од објектот се покриени со бујна вегетација. Побаравме да ја покажат на дело нивната општествена одговорност и да го спасат и сочуваат овој уникатен и за Охрид значаен објект и за следните генерации. Градежното претпријатие има и законска обврска и одговорност, како имател на културно наследство во рамките на заштитеното подрачје, за одржувањето, чувањето, почитувањето и правилното користење на културното наследство во рамките на заштитеното подрачје“, се вели во дел од реакцијата од „Охрид СОС“.

    Според нив, симптоматично е што со години и надлежните, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство, воопшто не реагирале за овој објект до новиот сопственик, имајќи ја предвид неговата историска важност.

    Во членот 9 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење е наведено дека „Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид е одговорна за преземање заштитно-конзерваторски мерки во заштитеното подрачје во согласност со Законот за заштита на културното наследство“.

    „Веќе е крајно време да го повикаат на одговорност имателот на културното наследство со оглед дека не го почитува законот и да иницираат итна заштита на објектот пред да биде доцна“, велат од Иницијативата.

    Училиштето е е изградено во периодот од 1898 до 1899 година во неокласичен стил со барокни елементи во ренесансен манир. Зградата има приземје, кат и делумен подрум. Изведена е во масивна конструкција, најдолниот дел е од камен со изразени фуги, а приземјето и катот се од тули со дрвена меѓукатна конструкција. Покривната конструкција е дрвена, а покривот е четириводен, покриен со стари ќерамиди и дасчена оплата. Фасадата има строги геометриски облици со богата декорација. Прозорците имаат профилирани венци и триаголни тимпанони и фризови.

    Последната санација на зградата е направена во 1980 година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира