ИРАН ОБЈАВИ ДЕКА ЌЕ СЕ БОРИ ДО ЦЕЛОСНА ПОБЕДА, ИЗРАЕЛ НАЈАВИ ОКУПАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ЈУЖЕН ЛИБАН

    ИРАН ОБЈАВИ ДЕКА ЌЕ СЕ БОРИ ДО ЦЕЛОСНА ПОБЕДА, ИЗРАЕЛ НАЈАВИ ОКУПАЦИЈА НА ДЕЛ ОД ЈУЖЕН ЛИБАНИзраел вчера уништи мостови на реката Литани во Либан (Фото: АА)

    Врховната команда на иранската војска објави дека Иран ќе се бори до целосна победа. Генерал-мајорот Али Абдолахи Алијабади, кој е портпарол на централниот штаб Хатам ал-Анбија, се огласи откако Доналд Трамп ненадејно објави дека се водат разговори помеѓу Иран и САД за завршување на војната.

    Техеран го демантираше ова, иако министерот за надворешни работи Абас Аракчи кажа дека разговара со своите колеги од регионот.

    Моќните вооружени сили на Иран се горди, победнички и непоколебливи во одбраната на интегритетот на Иран и тоа ќе продолжи до целосната победа“, рече Алијабади, не појаснувајќи што значи целосна победа.

    Вчера дојдоа контрадикторни изјави од САД и Иран. И додека Трамп тврдеше дека разговорите се веќе почнати, поради што ги одложи најавените напади врз иранските електрани за пет дена, спикерот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф кажа дека тоа се лажни вести и негираше дека се сретнал со американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Белата куќа додаде дека „ситуацијата е флуидна“, но не се најавени никакви формални состаноци помеѓу лидерите на САД и Иран.

    Во кратко видео објавено денеска, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави дека Израел не го менува курсот, порачувајќи дека ќе продолжи да ги напаѓа Иран и неговиот сојузник во Либан, Хезболах.

    Ќе ги заштитиме нашите витални интереси под какви било околности“, предупреди Нетанјаху.

    Израелскиот министер за одбрана Израел Кац објави дека израелската војска ќе окупира дел од јужен Либан, до реката Литани, што е рамно на една десетина од територијата на земјата. Кац претходно го предупреди Либан дека ќе изгуби територија ако не го разоружа Хезболах.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира