Првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс „Никола Младенов 2025“ ја добија Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“, за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“ и новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за сторијата за тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“.
Наградата, како што велат од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), се доделува како признание за исклучителната професионална посветеност, истражувачка упорност и високоразвиено чувство за јавен интерес што овие редакции и новинари го покажаа преку своите истражувања, придонесувајќи за разоткривање на причините, пропустите и одговорноста поврзани со еден од најтрагичните настани во поновата историја на земјата, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 мат со 63 жртви и над 200 повредени.
„Со своите истражувања тие не само што отворија суштински прашања за институционалната одговорност, незаконските постапувања и системската корупцијата, туку и придонесоа јавноста да добие поцелосна, документирана и аргументирана слика за околностите што доведоа до трагедијата“, се вели во образложението на МИМ.
Втората награда ја делат тимот на БИРН Македонија за истражувањето и датабазата за верските имоти на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“.
Третата награда ја делат новинарите Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата-скитници во Тетово објавена на порталот Порталб, и Александар Димитриевски, за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“ објавена на „360 степени“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман им беа доделени на Мирослава Симоновска и Фросина Факова-Серафиновиќ, Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска-Иванова и Михаил Милошевски.
На годинешниот конкурс, што беше објавен на 27 јануари и траеше до 17 февруари, пристигнаа 42 стории обработени во 122 текстови и видеоприлози.
„Комисијата особено го нагласува фактот дека и во услови на ограничени редакциски ресурси, силни политички и економски притисоци и зголемена динамика на дневно информирање, истражувачкото новинарство во земјата продолжува да продуцира релевантни, храбри и општествено значајни содржини“, вели МИМ.
Комисијата им оддава признание на сите новинари и редакции во земјата, особено на локалните дописници од Кочани, Штип и од околните места, кои „професионално и во согласност со етичките стандарди на новинарската професија, континуирано ги информираат граѓаните и влијаат врз подигнување на јавната свест, барајќи одговорност од институциите за причините и околностите кои доведоа до трагичниот настан во Кочани“.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001, а од 2013 наградата го носи името на новинарот и основач на „Фокус“ Никола Младенов, кј загина во сообраќајка на 26 март 2013.



