Новиот документарен филм на македонската режисерка Тамара Котевска „Мамутите кои избегаа од царството на Елрих Хан“ е меѓу добитниците на Фондот Сендбокс на Институтот Санденс за 2026 година. Покрај Котевска, меѓу поддржаните автори од Фондот е и Љубомир Стефанов за развој на проектот „Што паметите“. Котевска и Стефанов имаа историски две номинации за Оскар за нивниот документарен филм „Медена земја”. Тој филм беше и победник на Санденс во 2019.
Ова е четврти документарец на Котевска, а го снимаше во Сибир. Филмот е за сибирското шаманско племе Долгани во кое постои конфликт меѓу одгледувачите на ирваси и ископувачите на мамутски заби, на последната точка на северот на планетава на која сè уште има цивилизација. Филмот е копродукција помеѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, а Котевска е режисерка и продуцентка.
„Што паметите“ на Стефанов е копродукција меѓу Македонија и Велика Британија. Според информацијата на фондот Сендбокс, ова е темата на филмот: „Како да се сеќаваме на минатото кога нашата историја е фалсификувана? Политичката визија за обнова на главниот град врз темелите на недовршен град избриша колективно сеќавање, фрлајќи темна сенка врз идниот идентитет на Скопје“.
Фондот „Санденс институт“ / „Сендбокс“ поддржа вкупно 16 проекти и 47 филмски режисери. Фондот доделува грантови на тимови со филмови во која било фаза, од развој до постпродукција, создавајќи можности за истражување на суштинската врска помеѓу науката и културата преку иновативно раскажување документарни приказни.
Лани Котевска се претстави во Венеција со два документарни филмови, при што проектот за „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, а „Приказната за Силјан“ ја имаше европската премиера воннконкуренција за нагаради во официјалната селекција за документарци.
Извршната директорка на „Сендбокс филмс“, Џесика Хароп, вели дека авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот помеѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја растечката потреба за вакви приказни во независниот филм.



