Мексико покрена спасувачка операција во Карибите откако исчезнаа два брода што носеа хуманитарна помош за Куба. Мексиканската морнарица соопшти дека се испратени поморски тимови и воен авион во потрага по едрилиците на кои имало вкупно девет луѓе.
Тие требало да пристигнат на Куба во вторникот или во средата, но нема потврда за нивното доаѓање и изгубена е комуникацијата со нив, кажа морнарицата.
Двата брода испловиле од мексиканскиот остров Мухерес на 20 март, а во посадите имало државјани на Полска, Франција, Куба и САД.
„Капетаните и екипажите се искусни морнари, а двата брода се опремени со соодветни безбедносни системи и опрема за сигнализација. Целосно соработуваме со властите и остануваме уверени во способноста на екипажите безбедно да стигнат до Хавана“, изјави портпаролот на конвојот.
Порано оваа недела, на Куба се славеше доаѓањето на брод со 20 тони хуманитарна помош, вклучувајќи бебешка храна, соларни панели и лекови. Во земјата има голем недостиг на залихи откако САД во јануари воведоа ембарго на увоз на нафта. Откажани се повеќе од 50.000 операции во болниците поради чести прекини во електроснабдувањето.



