Ендометриозата не е ретка болест, иако често така се доживува. Напротив, станува збор за состојба која погодува околу 10% од жените во репродуктивна возраст на глобално ниво, велат од Македонската асоцијација на гинеколози и опстеричари (МАГО) за САКАМДАКАЖАМ.МК. Март е месец посветен на подигнување на свеста за ендометриозата.
Ендометриозата е хронична болест при која ткиво слично на ендометриумот (ткиво кое ја обложува внатрешноста на матката) расте надвор од матката, предизвикувајќи воспаление, болка и понекогаш неплодност. Се проценува дека околу 190 милиони жени и девојки во репродуктивна возраст (околу 10%) во светот се погодени од оваа состојба.
„Многу е важно да се нагласи дека голем број жени живеат со ендометриоза без да знаат. Болеста често останува ‘скриена’, особено кај пациентки кои долго време трпат болка или имаат проблеми со забременување. Кај жените со неплодност или хронична карлична болка, ендометриозата се среќава многу почесто отколку што мислиме. Затоа, иако официјално не можеме да кажеме точна бројка за Македонија, сигурно е дека ова е едно од почестите гинеколошки заболувања, кое заслужува многу повеќе внимание“, велат од МАГО.
Според гинеколозите, еден од најголемите проблеми кај ендометриозата е тоа што дијагнозата често доцни, понекогаш и со години. Во просек, може да поминат 6 до 10 години од првите симптоми до поставување дијагноза. Причината најчесто е тоа што симптомите се „нормализираат“.
„Многу девојки растат со идејата дека силната менструална болка е нешто што мора да се издржи. Поради тоа, не бараат помош на време. Од друга страна, и во здравствениот систем понекогаш симптомите не се препознаваат веднаш како ендометриоза. Жените треба да обрнат внимание ако имаат: силни болки за време на менструација кои им го нарушуваат секојдневието, постојана карлична болка, болка при односи или проблеми со забременување. Најважната порака е едноставна: болка што те спречува да функционираш нормално, не е нормална. Колку порано се препознае проблемот, толку се подобри шансите за контрола и подобар квалитет на живот“, апелираат тие.
Ендометриозата не се наследува директно како некои други болести, но сепак, велат тие, има генетска компонента. Тоа значи дека ако мајка или сестра има ендометриоза, ризикот кај другите жени во семејството е значително поголем.
Сепак, тоа не значи дека болеста мора да се појави. Ендометриозата зависи од повеќе фактори: хормони, имунитет, начин на живот и други влијанија од околината.
Затоа е важно жените кои имаат фамилијарна историја да бидат посвесни за симптомите и да реагираат навреме. Раното препознавање прави голема разлика. Достапните третмани вклучуваат медикаментозна терапија, хормонска терапија и хируршки третман, во зависност од симптомите и индивидуалните потреби на пациентката.
Б. НЕСТОРОСКА



