ОБВИНЕТИОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ГИ ИЗВАДИЛ ОД КОЛА ИВАНА И КАТЈА, ЈА ЛЕГНАЛ МАЈКАТА И ЈА ТЕПАЛ ПРЕД ДЕТЕТО, ПО ШТО ГИ ОСТАВИЛ НА АВТОПАТ ВО ЕДЕН ПО ПОЛНОЌ

    ОБВИНЕТИОТ СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ ГИ ИЗВАДИЛ ОД КОЛА ИВАНА И КАТЈА, ЈА ЛЕГНАЛ МАЈКАТА И ЈА ТЕПАЛ ПРЕД ДЕТЕТО, ПО ШТО ГИ ОСТАВИЛ НА АВТОПАТ ВО ЕДЕН ПО ПОЛНОЌСтојанче Јовановски, кој е обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Стојаноска, на денешното судење. (Фото: СДК.МК)

    Судењето на Стојанче Јовановски кое почна денеска, продолжи со сведочењето на  Љубица Стојаноска од Скопје, мајката на неговата сопруга Ивана која на 2 март во скопската населба Тафталиџе се самоуби со 6-годишната ќерка. Таа сведочеше за тоа што преживувала нејзината ќерка додека полицијата не преземала ништо и ги убедувала: „Ај сега смирете се”.

    Според обвинението, Јовановски извршил загрозување на сигурноста, тешка телесна повреда при семејно насилство и наведување на самоубиство.

    Во август минатата година, Ивана собрала храброст да се врати кај родителите по тешкото секојдневно насилство што го трпела пред детето. Но, пред да каже за настанот со кој се прелеала чашата, обвинителката ја праша мајката на Ивана за насилството и откако заминала ќерка и, а за кое полицијaта не презела ништо.

    Кога во август откај мајка ѝ отишла Ивана во заедничкиот стан во Карпош да земе лични работи, таму бил Стојанче. Ѝ се фрлил да ја дави.

    „Ми се јави мајката на Мартин Саздов, другарот на Стојанче, ми кажа дека Ивана била нападната од Стојанче и оти некако излегла. Ме советуваше да пријавам во полиција зашто по физичкиот напад од сопругот, не знаеле каде е Ивана. Пријавив, полицијата ме викна во станица. Отидов со Катја. Дојде и Ивана со оток и црвенило на вратот и модрици на рацете. Ја зедоа Катја горе да ја анимираат и опуштат, но и да разговараат со детето”, кажа Љубица.

    Ивана утредента од страв не отишла да го потпише извештајот. Потоа Ивана почнала бракоразводна парница.

    Мартин Саздов е другар со Стојанче, рече Љубица. Преку Стојанче се знаеле со Ивана.

    „Враќајќи се лани од свадба од Штип, Ивана го згрешила патот. Се скарале, го запрел возилото. Ги извадил со детето надвор, фатил да ја удира на сред автопат. Откако ја изнатепал, ги оставил неа и детето среде автопат во глуво доба и си заминал“, сведочеше Љубица.

    Катја подоцна се пожалила дека и неа Стојанче ја удрил. Се јавила Ивана кај свекрвата да дојде да ги земе од автопат, таа ѝ рекла дека ја боли стомак, не може да дојде, а не сакал ни свекорот. Се јавила кај Мартин Саздов, ги зел од автопат Ивана и Катја, ги однел дома кај нив.

    По ова, Ивана си зела работи од станот и дошла кај родителите, кажувајќи: „Тато, не можам да издржам веќе!” .

    За Катја, Љубица кажа дека и покрај сè што се изнагледала од насилство врз мајка ѝ, таа имала љубов во срцето за татко ѝ. Но, многу се исплашила кога на сред автопат ја легнал Ивана и ја удирал легната кај стигне.

    „Му се јавил на Мартин и му рекол:’ Двете курви ги натепав’.”, сведочеше Љубица.

    За сведок е викнат и другарот на обвинетиот, Мартин Саздов.

    Катја ја прашала баба ѝ Љубица: „Како може тета Ивана (сестрата на Стојанче) да ме сака, а тато да е лош? Може ли сестра да е добра, а брат да е лош?”.

    Почнала бракоразводната постапка. Кога му ја давала на Стојанче да ја прошета и дружи, Ивана останувала на клупа и чекала пред зграда дали ќе ја врати.

    Детето раскажувало: „Мамо бевме со една жена со машко дете и жената јадеше, па изрони храна во кола. Тато неа ѝ рече: ништо, ништо, а нас не исфрла од кола ако извалкаме”, сведочеше Љубица.

    На прашање, таа одговори дека на училиште знаеле оти родителите ѝ се во парница и дека детето гледало насилство, малтретирање, неубави работи.

    Ивана после тепањето на автопат останала кај нејзините, но само до 19 декември, на куќната слава на родителите Свети Никола, кога отишла да живее пак со Стојанче во заедничкиот стан на „Теодосиј Гологанов” во Скопје.

    На прашање на обвинителката, Љубица кажа дека Ивана била и хоспитализирана поради хематом во абдоменот предизвикан од силен удар. Разградувањето на хематомот било опасно, рекле лекарите, очекувале итна операција и затоа ја задржале во болница.

    Љубица не знаела од кого е ударот.

    „Кога отидовме со сестра ми во болница да ја видиме Ивана, дознав дека била бутната по скали”, кажа Љубица.

    Стојанче дошол на посета со Катја. И во болница ја бутнал по скали, паднала до долу. Ја кренал болничар, ја однеле веднаш на компјутер главата да ѝ ја снимат. Медицинските сестри ја прибрале Катја, зашто им кажала дека е гладна.

    „Вчера јадевме ѓевречиња, тато ме заклучи и отиде да вежба”, им кажало детето на сестрите.

    Клиниката за хирургија била блокирана, дошла полиција и социјални служби, но тој го зел детето дома. Ивана од болница се вратила во домот кај детето. Таа ги плаќала сметките, го уредувала станот.

    За семејно насилство, односно за насилство врз Ивана, и мајка му го пријавила Стојанче во полиција.

    Судењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира