НЕОПХОДНА Е РАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ДУРИ И КОГА ЖРТВАТА НЕ ПОДНЕСУВА ПРИЈАВА, КАЖА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ СЕЉАМИ

    НЕОПХОДНА Е РАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА ЗА ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО ДУРИ И КОГА ЖРТВАТА НЕ ПОДНЕСУВА ПРИЈАВА, КАЖА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ СЕЉАМИСељами кажа дека заштитата е најслабата алка во справувањето со семејното насилство посочувајќи дека жртвата по пријавувањето мора да биде сигурна дека државата ѝ гарантира безбедност. (Фото: СДК.МК)

    Постојат институционални пропусти за заштита на жртвите на семејно насилство, кажа денеска народниот правобранител Фатон Сељами презентирајќи го годишниот Извештај за состојбата со човековите слободи и права за 2025 година. Народниот правобранител, постапувајќи по предметни случаи на фемицид, констатира пропусти во институционалната реакција поради што рече дека е потребно да се обезбеди превенција и координирано системско справување со семејства со ризично однесување, како и воспоставување механизми што овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава.

    Сељами кажа дека заштитата е најслабата алка во справувањето со семејното насилство посочувајќи дека жртвата по пријавувањето мора да биде сигурна дека државата ѝ гарантира безбедност наместо да биде принудена да се врати кај своите роднини правејќи ги и нив потенцијални жртви.

    „Потребно да се обезбеди превенција и координирано системско следење на семејства со ризично однесување, како и воспоставување механизми кои овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава. Треба да се обучат и кадрите кои работат на оваа проблематика, како во МВР, така и во центрите за социјална работа“, кажа Сељами.

    При анализа на конкретен случај на фемицид, Сељами кажа дека било констатирано оти Центарот за социјална работа воопшто немал сознанија за проблемите во семејството, а полицијата ненавремено постапувала барајќи формална пријава лично од жртвата.

    Народниот правобранител лани постапил по вкупно 2.921 претставка. На прво место е правосудството со 307 претставки или 12,79 проценти, потоа следуваат претставките од потрошувачките права, со 264 претставки или 11 проценти, од работните односи 219 претставки или 9,13 проценти и од областа на детските права 189 или 8,25 проценти.

    Граѓаните реагирале на екстремно загадениот воздух и на еколошките инциденти како пожарите на депониите и огромните количини пластичен отпад.

    „Заштитата на животната средина останува еден од главните предизвици во нашето работење. Од причина што, иако државата е должна на сите да им обезбеди уставно загарантирано право на здрава и чиста животна средина, сепак, и минатата година имавме екстремно загаден воздух во поголемите градови во државата. Како последица на лошото управување со отпадот, гореа и депонии, кои и онака се надвор од сите еколошки стандарди. Во оваа пригода сакам да ве информирам дека токму во областа животна средина бележиме најголемо зголемување на бројот на претставки“, кажа Сељами.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира