Иранската револуционерна гарда соопшти дека од 1 април ќе почне да ги напаѓа американските компании на Блискиот Исток, како одмазда за нападите врз Иран. На листата на гардата се најдоа 18 компании кои ќе бидат потенцијални мети, како „Мајкрософт“, „Гугл“, „Тесла“, „Боинг“, „Мета“, „Епл“ и „Интел“.
„Овие компании треба да очекуваат уништување на нивните соодветни единици во замена за секој терористички чин против Иран, почнувајќи од 20 часот по техеранско време на 1 април. Им советуваме на вработените во овие институции веднаш да ги напуштат своите работни места за да си го спасат животот“, објави Иранската револуционерна гарда.
Ова следува откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет предупреди дека следните неколку дена ќе бидат решавачки и му порача на Иран дека војната ќе се засили ако не прифати договор.
„Доналд Трамп е спремен да склучи договор, разговорите се во тек и добиваат на сила, но САД се подготвени да ја продолжат војната доколку Иран не се согласи. Имаме сè повеќе опции, а тие имаат сè помалку. За само еден месец ги поставивме условите, претстојните денови ќе бидат одлучувачки. Иран го знае тоа и речиси ништо не може воено да направи во врска со тоа“, кажа Хегсет.
Иран продолжи да дава отпор, и покрај тешките напади на САД и Израел во изминатиот месец, кои, според Вашингтон, драстично ги деградирале иранските воени капацитети. Техеран прими мировни предлози од САД преку посредници, но ги опиша како нереални, нелогични и претерани.



