Властите на Јута формално затворија 52 години стар случај откако со помош на нова ДНК-технологија потврдија дека локална тинејџерка била убиена од серискиот убиец Тед Банди.
Лора Ен Ејми (17) исчезнала откако заминала од забава за Ноќта на вештерките во 1974 и нејзиното тело било пронајдено еден месец подоцна во кањонот Американ Форк. Канцеларијата на шерифот на округот Јута објави дека новото тестирање „неоспорно потврди дека ДНК доказите земени од телото на Лора го потврдуваат постоењето на ДНК што му припаѓа на Банди“.
Банди убил најмалку 30 жени меѓу февруари 1974 и февруари 1978 и се поврзува со други убиства низ земјата. Пред да биде погубен во Флорида во 1989, Банди признал дека ја убил Лора, но не дал докази затоа, па властите одлучиле да го остават случајот отворен додека тоа не се потврди.
„Овој случај сега и формално е затворен“, изјави шерифот на округот Јута, Мајк Смит.
Банди е меѓу најозлогласените американски сериски убијци. Тој почнал да убива на Пацифичкиот Северозапад, па продолжил во Јута, Колорадо и Флорида. Во времето на убиството на Лора, Банди живеел во Солт Лејк Сити и студирал право на Универзитетот Јута.
Првпат беше уапсен во 1975 за киднапирање жена, за што доби 15 години затвор. Во 1977 успеал да избега преку прозорец од затворската библиотека, а откако бил фатен, поминал осум дена во затвор, пред повторно да избега. Продолжи да убива и во 1978, кога конечно беше фатен.



