Во последните пет години во Македонија, како и во светот, се забележува тренд на зголемување на бројот на дијагностицирани случаи со аутизам, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во чест на 2 Април, Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот.
Аутизмот, или Спектарот на аутистични нарушувања (САН), е сложена невроразвојна состојба која вообичаено се појавува во раното детство и трае во текот на целиот живот. Тој влијае на начинот на кој едно лице комуницира и стапува во интеракција со другите луѓе и со светот околу себе.
ИЈЗ вели дека според проценките, во Македонија се регистрирани околу 1.000 до 1.500 деца со официјална дијагноза (Ф84.0), но се претпоставува дека реалната бројка е значително повисока, со оглед на тоа што многу случаи остануваат недијагностицирани или се водат под други категории на пречки во развојот.
Најголемиот број новодијагностицирани се во Скопје, каде и пристапот до дијагностички центри, како Заводот за ментално здравје „Младост“ и Клиниката за детски болести е најголем.
„Ова не мора да значи ‘епидемија’, туку е резултат на подобрените дијагностички методи, поголемата информираност на родителите и зајакнатите капацитети на стручните кадри. Важно е да се разбере дека аутизмот не е болест која се ‘лекува’, туку е специфичен начин на функционирање на мозокот. Македонија сѐ уште се соочува со потребата од национален регистар кој попрецизно ќе ги следи потребите на овие лица од раното детство, па сѐ до зрелоста “, вели ИЈЗ.
Според последните податоци на Центарот за контрола и превенција на болести (CDC), се проценува дека 1 на секои 36 деца во САД има дијагноза од спектарот на аутизам, што е значителен пораст во споредба со претходните децении. Во земјите на Европската Унија преваленцата варира, но просекот се движи околу 1 на 100 лица, што значи дека околу 7 милиони луѓе во Европа живеат со аутизам.
Укажувајќи дека различноста не е пречка, туку богатство кое го збогатува општеството, Народниот правобранител Фатон Сељами апелира кон создавање на инклузивни и безбедни средини, каде секое дете и секое лице со аутизам ќе може да се развива, да биде прифатено и активно да учествува во општествениот живот.
„Институциите и општеството имаат обврска да обезбедат еднакви можности за образование, здравство, социјална заштита и вработување, без дискриминација. Народниот правобранител останува посветен на следење на правата на децата/лицата со аутизам и на укажување на институциите за потребата од конкретни и навремени мерки кои ќе обезбедат достоинствен и квалитетен живот за сите“, рече Омбудсманот.



