Втор месец скопската населба Хром е без автобуски превоз. Линијата број 4 од почетокот на март не вози низ населбата, бидејќи Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи за поставување атмосферска канализација на улицата Воин Драшкоци.
Но, на терен веќе две недели ништо не се работи, нема градежни машини, а автобуси повторно нема. Жителите мора да одат пешки до Влае на булеварот Партизански одреди за да фатат автобус, бидејќи 4-ка е единствената линија која минува во Хром.
„Кога ја раскопаа улиците рекоа дека автобусите не можат да свртат на последна станица поради дупката. Но, на дел од улицата ставија цевки за атмосферска канализација, ја затрупаа дупката, а автобус пак нема. Како можат камиони на ‘Комунална хигиена’ да возат низ улицата, а автобуси да нема? Целосно сме отсечени. Толку згради направија, а автобуси нема. И кога доаѓаше, автобус имаше на саат време, а сега ич нема“, велат револтирани жители на населбата Хром.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски вели дека рокот за изведување на градежните работи на улицата Воин Драшкоци ќе трае 6 месеци, бидејќи покрај атмосферска канализација, ќе се реконстурира целата улица односно ќе се поставува нов асфалт и ќе се реновираат тротоарите. За тоа што нема автобуси иако две недели ништо не се работи ни рече да се обратиме во ЈСП „Скопје“.
Директорот на ЈСП Сашо Иливески ни рече дека ќе провери за што станува збор и ќе ни се јават. До објавување на текстот не добивме одговор од јавното претпријатие.
А. АНТЕВСКА



