„АРТЕМИС 2“ ЈА НАПУШТИ ЗЕМЈИНАТА ОРБИТА И СЕ УПАТИ КОН МЕСЕЧИНАТА, АСТРОНАУТИТЕ ЌЕ ВИДАТ ЦЕЛОСНО ЗАТЕМНУВАЊЕ НА СОНЦЕТО НА ШЕСТИОТ ДЕН

    „АРТЕМИС 2“ ЈА НАПУШТИ ЗЕМЈИНАТА ОРБИТА И СЕ УПАТИ КОН МЕСЕЧИНАТА, АСТРОНАУТИТЕ ЌЕ ВИДАТ ЦЕЛОСНО ЗАТЕМНУВАЊЕ НА СОНЦЕТО НА ШЕСТИОТ ДЕНПоглед ма Земјата од капсулата „Орион“ (Фото: НАСА)

    Мисијата „Артемис 2“ со четворица астронаути ја напушти Земјината орбита откако нивното вселенско летало „Орион“ го запали својот главен мотор во последен обид за приближување кон Месечината.

    „Согорувањето на моторот од пет минути и 55 секунди, познато како транслунарна инјекција, помина беспрекорно“, изјави Лори Глејз од НАСА.

    Канадскиот астронаут Џереми Хансен од капсулата „Орион“ рече дека „екипажот се чувствува доста добро овде горе на патот кон Месечината“.

    „Артемис 2“ сега е на кружна патека, што ќе го носи екипажот околу далечната страна на Месечината и назад. Ова е првпат од 1972 година луѓето да патуваат надвор од орбитата на Земјата. На преносот во живо од „Орион“, Земјата полека се намалува, додека капсулата се движи сè подалеку и подалеку во вселената.

    „Човештвото уште еднаш покажа за што сме способни. Вашите надежи за иднината се тие што нè носат сега на ова патување околу Месечината“, ѝ кажа Хансен на контролата на мисијата на НАСА.

    Додека капсулата ја обиколуваше Земјата во изминатите 24 часа беа проверени моторите, навигацијата и системите за поддршка на животот на „Орион“. По добивањето на конечното одобрение, согорувањето на моторот можеше да започне, за последно, големо движење на мисијата кон Месечината.

    Транслунарната инјекција го придвижи вселенското летало на патување за кое се очекува дека ќе го однесе екипажот подалеку од Земјата од кого било досега – повеќе од 7.600 километри зад Месечината, пред гравитацијата да ги врати назад.

    На околу шестиот ден од десетдневната мисија, додека „Орион“ крстари зад Месечината, астронаутите ќе можат да видат целосно затемнување на Сонцето, кога Месечината ќе се протне директно пред него.

    Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен полетаа вчера од Флорида на мисијата „Артемис 2“, патување околу Месечината, што го означува најхрабриот чекор на САД кон враќањето на луѓето на нејзината површина подоцна оваа деценија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира