Индустриското производство во февруари годинава е намалено за 4,2 отсто во однос на истиот месец лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Овој пад доаѓа по уште поизразеното намалување во јануари, кога производството беше пониско за 6,6 отсто во споредба со почетокот на минатата година.
Според извештаите на ДЗС, во февруари најголемо опаѓање од дури 17,2 отсто е забележано во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Рударството и вадењето камен бележи пад од 9,6 отсто, додека во преработувачката индустрија е регистрирано намалување од 1,9 отсто. Според податоците на ДЗС, врз негативниот резултат во преработувачкиот сектор најмногу влијаело намаленото производство во одделите за облека, тутунски производи, текстил, метали и мебел.
Податоците за првите два месеци од 2026 година покажуваат и континуирано кратење на бројот на работници во индустрискиот сектор. Во февруари годинава во фабриките работеле за 3,4 отсто помалку луѓе во споредба со истиот период лани. Најголем одлив на работна сила има во рударството, каде бројот на вработени е намален за 6,3 отсто, по што следува преработувачката индустрија со пад од 3,4 отсто.
Во јануари состојбата беше слична, со вкупно намалување на бројот на работници од 3,6 отсто. Гледано по главни индустриски групи, најголем пад на бројот на вработени во февруари е забележан кај капиталните производи и кај нетрајните производи за широка потрошувачка. Единствен раст од 1,6 отсто кај ангажираните работници има во групата на трајни производи за широка потрошувачка.



