Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис направи измени во својата влада откако двајца министри поднесоа оставка поради скандалот со европските субвенции во земјоделството.
Јоанис Кефалојанис поднесе оставка од функцијата министер за цивилна заштита, а го следеше и министерот за земјоделство Костас Цијарас, чии имиња се најдоа во истрагата на европските обвинители за скандалот со субвенциите. Таа го опфати и заменик-министерот за здравство Димитрис Варцопулос, кој исто така даде оставка.
Случајот се фокусира на наводна измама со исплатите од сега укинатата државна агенција ОПЕКЕПЕ, која беше задолжена за распределба на земјоделските субвенции на Европската Унија.
Европскиот јавен обвинител минатиот мај објави дека истражува десетици случаи во кои грчки граѓани добиле средства за пасишта од европските фондови, иако не поседувале или не изнајмувале земјиште, ниту, пак, некогаш работеле во земјоделството, лишувајќи вистински земјоделци од парите што ги заслужувале. Се проценува дека притоа биле проневерени десетици милиони евра за повеќе години. Обвинувањата доведоа до низа рации и апсења во октомври, како и до долготрајни протести на земјоделците на кои им беа одземени легитимните субвенции.



