ПО ШЕСТ ГОДИНИ ЗАСТОЈ, ПРОДОЛЖИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА КОНАКОТ ВО ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИР

    ПО ШЕСТ ГОДИНИ ЗАСТОЈ, ПРОДОЛЖИ РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА КОНАКОТ ВО ЛЕШОЧКИОТ МАНАСТИРВнатрешноста на објектот ќе биде целосно променета, а ќе се реновира и фасадата на конакот и ќе го задржи автентичниот изглед. (Фото: СДК.МК)

    Конакот на Лешочкиот манастир, кој датира од почетокот на 19. век, повторно почна да се реставрира и реновира по 6 години застој. Внатрешноста на објектот ќе биде целосно променета, а ќе се реновира и фасадата на конакот и ќе го задржи автентичниот изглед.

    „Веќе сме во завршна фаза од конзервација, реставрација и санација на стариот конак кој е интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој значаен проект се издвоени 6 милиони денари, а целосното завршување се очекува да биде до крајот на јуни“, изјави Министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој денеска беше во работна посета на Лешочкиот манастир.

    Бидејќи манастирскиот комплекс, а со тоа и конакот, се ставени под заштита на државата како културнО добро, санацијата, реконструкцијата и конзервацијата се одвиваат под стручен надзор од Националниот конзерваторски центар.

    „Во овој момент се работи на внатрешно зајакнување на оригинален ѕид од конакот од 1818 година. Со цел да се зачува овој ѕид го стабилизираме ѕидот од внатрешна страна и ставаме изолација помеѓу оригиналниот ѕид и зајакнувањето. По ова следува набавка на преку 100 прозорци, а потоа следува средување на фасадата при што се зачува оригиналниот лик на фасадата. Во конакот дел ќе биде наменет и за сместувачки капацитет“, изјави Александар Јордановски, директор на Националниот конзерваторски центар.

    Неколку година на ред стручни лица од Националниот конзерваторски центар работеа и на реставрација и конзервација на црквата „Свети Богородица“, која е во состав на манастирскиот комплекс, а во која пронајдоа трислоен живопис кој е вистинска реткост во црквите. Но, годинава работите се прекинати поради тоа што на некои места протекува покривот од црквата и ги влагата ги оштетува фреските.

    „Тоа е поради непредвидени и новонастанати ситуации во архитектурата на објектот и потребата од дополнителни стручни анализи и заштитни мерки за натамошна конзервација. Сите овие работи ќе продолжат откако ќе бидат извршени дополнителни проценки од страна на Националниот конзерваторски центар бидејќи зачувувањето на ова културно наследство е од посебна важност за нашето култ и дух наследство“, вели Јордановски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира