Земјоделската струка веќе нема да врши настава во досегашното Средно земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола и се префрла во друго средно училиште во градот, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН) по најавите на дел од вработените дека се затвора Земјоделското училиште кое постои 114 години.
„Земјоделската струка од средното училиште ‘Кузман Шапкарев’ се префрла во средното училиште ‘Таки Даскало’ и ова е наведено во Конкурсот за упис во средни училишта за учебната 2026-2027 година. Наставниците не го губат работното место, продолжуваат да им предаваат на запишаните ученици“, соопштија од МОН.
Во Конкурсот за упис во учебната 2026/2027 година во средните училишта во државата го нема Земјоделското училиште во Битола. Секторот земјоделство, рибарство и ветеринарство со можност за упис на 25 ученици во една паралелка за агротехничар преминува во СОУ „Таки Даскало“.
Земјоделското училиште со години имаше проблем со бројот на ученици, што е и причината за дислокација на струката. Бројот на ученици во цело училиште со оној на вработени беше скоро идентичен.
Вработени од училиштето вечера преку писмо реагираа дека „Кузман Шапкарев“ од Битола со децении претставува значаен образовен и стручен центар тесно поврзан со потребите на земјоделците и институциите во секторот. Неговото исклучување од системот на упис ќе има далекусежни негативни последици за Пелагонија.
„Пелагонискиот Регион е еден од најзначајните земјоделски региони во државата, со долгогодишна традиција и значително учество во националното производство. Во услови кога земјоделството се соочува со сериозни предизвици: миграција на младото население, стареење на земјоделската работна сила, намалена заинтересираност за аграрни професии и влијание на климатските промени, од исклучителна важност е зачувувањето и унапредувањето на стручното образование во оваа област“, се вели во писмото.
Вработенките нагласуваат дека од суштинско значење е образовниот процес за профилите од земјоделско-ветеринарната струка да се реализира во рамки на специјализирано земјоделско училиште, Тоа распола со соодветни услови за изведување на практична настава, вежби и теренска работа, како и стручен кадар.
„Бројот на ученици не треба да се третира исклучиво како статистички податок, туку како инвестиција во идни стручни кадри. Со евентуалното затворање или маргинализирање на училиштето, Пелагонискиот Регион ќе остане без континуиран прилив на агрономи, советодавен кадар и стручни лица за грижа на животните, што директно ќе се одрази врз продуктивноста, одржливоста и квалитетот на земјоделството“, се вели во писмото.
Училишптето е отворено во 1912 како нижо земјоделско за обука на кадар и за заштита на добитокот. Понатаму, тоа се развивало низ годините во образовен центар многу значаен за Пелагонија, најголемата житница во државата, како и еден од најбогатите региони по производство на млеко во државата. Последните децении, со иселувањето, напуштањето на селата и земјоделството како дејност, се намали и бројот на ученици во школото.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



