Владата на утрешната седница закажана за 11 часот ќе донесе мерки за заштита од поскапувањето на горивата, со кои акцизата за дизелот ќе се намали за четири денари, а на бензините за два денари по литар. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Општина Илинден, каде што рече дека калкулациите направени по затворањето на берзите покажуваат оти без оваа интервенција дизелот би поскапел за околу седум денари, а бензините за околу два денари.
Мицкоски очекува дека со измената на акцизите, цената на дизелот во понеделник би се коригирала за околу три денари. Тој најави и дека се водат разговори со компанијата „Окта“ за продолжување на нивниот тековен попуст од три денари. Доколку се постигне договор, премиерот смета дека крајната цена на дизелот нема да се зголеми, додека кај бензините би можело да има намалување за околу 2,5 денари по литар.
Овие мерки ќе предизвикаат фискален импликација врз државната каса во износ од десетици милиони евра. Според Мицкоски, во Буџетот има доволно средства за оваа намена. Истовремено, тој рече дека за уште две недели ќе биде продолжена примената на повластената стапка на ДДВ од 10 проценти за горивата, по што Владата повторно ќе ја разгледува состојбата на пазарот за евентуални нови чекори.



