Во текот на 2025 година, Оперативно-техничката агенција (ОТА) технички посредувала во активирање на вкупно 259 комуникации за потребите на МВР, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на Врховниот суд, кои се овластените органи во Македонија за барање за прислушување.
Следењето на телефонски и онлајн комуникации, според Годишниот извештај за работата на Оперативно-техничката агенција, се вршело преку телекомуникациските оператори: Друштво за телекомуникациски услуги ТЕЛЕКАБЕЛ ДООЕЛ ШТИП, Друштво за телекомуникации и услуги НЕОТЕЛ АД увоз-извоз Скопје, Друштво за комуникациски услуги А1 МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје, Македонски Телеком Акционерско друштво за електронски комуникации Скопје и преку Друштво за трговија и услуги МТЕЛ ДООЕЛ Скопје, зависно од тоа осомничените лица каде биле претплатници.
„Во извештајниот период од 01.01.2025 заклучно со 31.12.2025 година со техничко посредство на ОТА беа активирани: 182 комуникации за потребите на Министерството за внатрешни работи и 22 комуникации за потребите на Основното јавно обвинителство за гонење наорганизиран криминал и корупција. Согласно со член 7 став (3) алинеја 2 од Законот за 0ТА, во овој број не се наведува бројот на активираните комуникации за потребите на безбедноста и одбраната“, се наведува во Извештајот, но ако се одземат од вкупниот број овие 204 прислушувања, разликата е 55 прислушувања за потребите на безбедноста и на одбраната, за кои обично судска наредба дава претседателот на Врховниот суд.
Директорката на ОТА Марија Јаническа ги запознава пратениците дека таа година во октомври 2025 година, во седиштето на ОТА беше директорот на Канцеларијата за безбедност на НАТО (NOS) Гејлен Нејс, „на кој состанок уште еднаш беше потврдена заедничката определба за натамошно продлабочување на партнерството во рамките на НАТО. Беше потврдена заедничката согласност за понатамошна координирана соработка во насока на јакнење на капацитетите од стратешки интерес за државата и НАТО“.
Јаническа вели дека содржината на судската наредба за спроведување на посебните истражни мерки за следење и снимање на електронските комуникации е јасно уредена во член 257 од Законот за кривична постапка, каде што ставот (4) предвидува дека анонимизираниот примерок на наредбата, кој се доставува до Оперативно-техничката агенција (ОТА), мора да ги содржи: бројот на наредбата и органот кој ја издал, техничките средства кои ќе се применат, времетраењето на посебната истражна мерка, како и идентификациски податоци за телекомуникацискиот систем или телефонскиот број, вклучувајќи посебни идентификациски броеви за секој од нив.
Се брои органот кој ја предложил мерката, а не субјектот кој технички ја спровел.
Во извештајниот период на календарската 2025 година, од страна на Комисија за стручен надзор од редот на работниците во ОТА, беа реализирани повеќе координирани и систематски надзорни посети кај телекомуникациските оператори: Телекабел, Неотел, А1, Телеком и Мтел.
По завршувањето на надзорот, за секој од операторите бил изготвен посебен Извештај за работата на операторот. Имало и негативни забелешки. Тие извештаи не се за јавност.
Во извештајниот период во календарската 2025 година, била спроведена и една дисциплинска постапка за работник во ОТА за повреда на работниот ред и дисциплина и за непочитување на работните обврски, во смисла на член 82 став (1) точка 1) од Законот за работни односи.
Собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, Извештајот ќе го разгледува на седница во вторник.
С. К. ДЕЛЕВСКА



