Словачкиот премиер Роберт Фицо повика Европската Унија да го прекине воведувањето санкции за увоз на руска нафта и гас за да се стави крај на енергетската криза која произлезе од војната во Иран. По телефонскиот разговор со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Фицо изјави дека Унијата треба да го обнови дијалогот со Русија за земјите членки да можат да обезбедат гас и нафта од сите достапни извори.
Лидерите на Унгарија и Словачка се единствените во ЕУ кои сè уште ги одржуваат односите со Москва. Цените на енергенсите на светските берзи драстично пораснаа откако САД и Израел ја започнаа војната во Иран на 28 февруари, што доведе до застој на пратките од Заливот.
Меѓународната агенција за енергетика оваа состојба ја опиша како најголемо нарушување во снабдувањето со нафта во историјата. Фицо смета дека обновувањето на енергетските врски со Русија е неопходно за стабилизација на пазарот во услови кога доставата од Блискиот Исток е во прекин.



