Иран предупреди дека ќе изведе уште поуништувачка одмазда доколку Доналд Трамп ги оствари своите закани и ги нападне иранските електрани и мостови. Трамп прецизираше дека крајниот рок за отворање на Ормускиот Теснец истекува на 8 април (среда) во два часот по средноевреопско време.
„Доколку нападите врз цивилни цели се повторат, следните фази од нашите офанзивни и одмазднички операции ќе бидат многу поразорни и пошироко распространети“, соопшти централниот штаб на иранската војска Хатам ал-Анбија.
Трамп му се закани на Иран со пекол ако не прифати договор и не го отвори Ормускиот Теснец, клучна маршрута за извоз на нафта и гас од Блискиот Исток, која е затворена за најголемиот број бродови од почетокот на американско-израелските напади.
„Отворете го е*ениот Теснец, вие луди копилиња или ќе живеете во пекол. Само гледајте, слава му на Алах“, напиша Трамп на својата социјална мрежа во најжестоката објава досега.
Сепак, тој вели дека САД и Иран преговараат и дека договор е можен. Сајтот „Аксиос“ објави дека американски, ирански и регионални преговарачи разговараат за условите од можен 45-дневен прекин на огнот, што би довел до траен крај на војната.
Техеран бара целосен крај на непријателствата, а претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Калибаф ги осуди заканите на Трамп, велејќи дека е заведен од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Вашите неодговорни потези ги влечат САД во жив пекол за секое семејство, а целиот наш регион ќе гори, затоа што инсистирате да ги следите наредбите на Нетанјаху“, објави тој на Икс.
Покажувајќи дека сè уште е способен да се бори, Иран ги прошири своите напади врз енергетската инфраструктура во Заливот, лансирајќи дронови и ракети кон петрохемиски постројки во Кувајт, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати. Поради сето ова, цените на суровата нафта утрово повторно надминаа 110 долари за барел.



