ЛИДЕРОТ НА УНГАРСКАТА ОПОЗИЦИЈА ГО ОБВИНИ ОРБАН ДЕКА СО ВУЧИЌ ГО ИНСЦЕНИРАЛ ИНЦИДЕНТОТ КАЈ ГАСОВОДОТ „ТУРСКИ ТЕК“, УНГАРСКИ ЕКСПЕРТИ ПРЕДУПРЕДУВАА НА МОЖНА ЛАЖНА ОПЕРАЦИЈА

    ЛИДЕРОТ НА УНГАРСКАТА ОПОЗИЦИЈА ГО ОБВИНИ ОРБАН ДЕКА СО ВУЧИЌ ГО ИНСЦЕНИРАЛ ИНЦИДЕНТОТ КАЈ ГАСОВОДОТ „ТУРСКИ ТЕК“, УНГАРСКИ ЕКСПЕРТИ ПРЕДУПРЕДУВАА НА МОЖНА ЛАЖНА ОПЕРАЦИЈАДва ранци со експлозиви и детонатори биле пронајдени од српската армија во близина на селото Трешњевац во општина Кањижа (Фото: Танјуг)

    Унгарскиот премиер Виктор Орбан свика вонреден состанок на Советот за национална безбедност откако биле пронајдени експлозиви покрај цевковод со кој се транспортира руски гас до Унгарија. Откритието во погранична област во соседната Србија се случува додека партијата Фидес на Орбан многу заостанува во анкетите пред парламентарните избори во Унгарија претстојниот викенд.

    Опозицискиот лидер Петер Маѓар го обвини за ширење паника оркестрирано од руски советници, додека експерти за безбедност претходно предупредија на можна лажна операција за која би била обвинета Украина. Маѓар вели дека Орбан во договор со Вучиќ го инсценирал инцидентот.

    „Тој нема да може да ги спречи изборите в недела. Нема да може да спречи милиони Унгарци да ги завршат најкорумпираните две децении во историјата на нашата земја“, порача Маѓар.

    Во последните недели, унгарските експерти за безбедност најавија можност за инсценирана операција, или на унгарска или на српска територија, со цел да ѝ помогне на Фидес да победи на изборите или да му даде изговор на Орбан да прогласи вонредна состојба и да го одложи или откаже гласањето.

    Српскиот претседател Александар Вучиќ го информирал унгарскиот лидер за откритието вчера наутро. Два ранци полни со експлозиви и детонатори биле пронајдени од српската армија во близина на селото Трешњевац во општина Кањижа, околу 20 километри од точката каде што гасоводот „Турски тек“ преминува во Унгарија.

    „Нашите единици пронајдоа експлозив со разорна моќ. Му кажав на премиерот Орбан дека ќе го известуваме за истрагата“, рече Вучиќ.

    Унгарија годишно прима меѓу пет и осум милијарди кубни метри руски гас преку „Турски тек“. Досега немаше официјални обвинувања на Украина за вмешаност во оваа наводна саботажа, а српските власти денеска ќе ги објават првите наоди од истрагата. И покрај тоа, украинската влада однапред ја отфрли вмешаноста.

    „Украина нема ништо со ова. Најверојатно е руска лажна операција како дел од мешањето на Москва во изборите во Унгарија“, изјави портпаролот на украинското министерство за надворешни работи Георги Тихи.

    На 2 април, унгарскиот експерт за безбедност Андраш Рац напиша на Фејсбук дека би можел да се случи лажен напад врз цевководот „Турски тек“ во Србија. Тој притоа кажа дека за ова најверојатно ќе биде обвинета Украина, која е централна тема на предизборната кампања на Орбан.

    „Имавме некои солидни прелиминарни информации за оваа операција, вклучувајќи детали за местото и можното време. Јасно е дека интересите на Украина не се во прашање тука“, изјави поранешниот висок унгарски контраразузнавачки службеник Петер Буда.

    Унгарската влада инсистира дека заканата од Украина е реална.

    „Во изминатите неколку дена и недели видовме сè. Украинците организираа нафтена блокада против нас. Потоа се обидоа да ни наметнат целосна енергетска блокада со тоа што испукаа десетици дронови кон гасоводот ‘Турски тек‘ на руска територија. А, сега го имаме овој инцидент, во кој српските колеги пронајдоа експлозиви способни да го разнесат гасоводот“, кажа унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира