ИМА ДОВОЛНО КОЛИЧИНИ НА КЕРОЗИН НА АЕРОДРОМИТЕ ВО СКОПЈЕ И ОХРИД, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ

    ИМА ДОВОЛНО КОЛИЧИНИ НА КЕРОЗИН НА АЕРОДРОМИТЕ ВО СКОПЈЕ И ОХРИД, ВЕЛАТ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТНеколку италијански аеродроми меѓу кои и Тревизо и Болоња до каде има летови од Скопскиот аеродром ставија органичување на керозин.(Фото: СДК.МК)

    На аеродромите во Скопје и Охрид има доволно резерви на керозин за да се постигне стабилност на авиосообраќајот, велат од Министерството за транспорт и врски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Војната на САД и Израел во Иран и блокадата на поморските патишта предизвика зголемување на цената на нафтата, но и недостиг на авионско гориво, па неколку авиокомпании веќе предвидуваат откажување на некои летови, па дури и приземјување на дел од флотата. Во саботата, четири италијански аеродроми меѓу кои и Тревизо и Болоња до каде што има летови од Скопскиот аеродром соопштија дека воведуваат ставија органичување на точење керозин. Засегнати се аеродромите во Болоња, Милано Линате, Тревизо и Венеција.

    Италијанската новинска агенција АНСА објави дека „Ер БП Италија“, подружница на британскиот нафтен гигант „Бритиш петролеум“ им соопштила на авиокомпаниите дека приоритет ќе им се даде на медицинските и државните летови, како и на летовите што траат повеќе од три часа. Останатите летови може да се соочат со ограничувања најмалку до 9 април.

    Со оглед на тоа дека „Визер“ редовно лета од Скопје баш до Болоња и Тревизо, САКАМДАКАЖАМ.МК постави прашања до концесионерот на аеродромите ТАВ Македонија, Министерството за енергетика и Министерството за транспорт и врски дали ваквите ограничувања во Италија ќе влијаат на авиосообраќајот на Скопскиот аеродром и дали во земјава има доволно количества на керозин.

    Од Министерството за транспорт и врски велат дека се во секојдневна кооординација со сите надлежни институции и ТАВ Македонија како оператор на аеродрoмите и во континуитет се следи состојбата.

    „Во однос на количеството на керозин, Ве информираме дека аеродромот располага со доволно резерви на керозин за да се постигне стабилност на авиосообраќајот, а исто така би сакале да потенцираме дека и аеродромот во Приштина се снабдува со потребното гориво од ОКТА, што само ја потврдува добрата состојба на залихи со керозин во земјава. Во однос на цената на керозинот веќе информиравме дека Македонија има најевтина цена што ја прави конкуретна на пазарот, а во таа насока се и бројките кои покажуваат раст од 30 % на број на патници и раст од 20 % на број на операции од почетокот на годината“, велат од Министерството.

    Од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, како компанија којашто управува со двата македонски аеродроми добивме одговор дека снабдувањето со гориво на авиокомпаниите на македонските аеродроми го вршат посебни компании лиценцирани од државните институции, кои имаат свои канцеларии, опрема, резервоари, персонал и договори со авиокомпаниите, а концесионерот управува со аеродромските операции – што значи – услуги во терминалите и земјени операции поврзани со опслуга на авиони, патници, багаж и стоки.

    „Ние ниту складираме ниту продаваме керозин како гориво за авионите“, велат од ТАВ Македонија и додаваат дека на прашањето дали има доволно керозин треба да go одговорат дистрибутерите на гориво.

    Лиценцирани дистрибутери на авионско гориво се компаниите „Макпетрол“ и „Ексфис“.

    Што се однесува до прашањето – дали ограничувањата на италијанските аеродроми можат да влијаат на воздушниот сообраќај на рутите од Тревизо и Болоња кон Скопскиот аеродром – одговор треба да даде Визер, велат од ТАВ Македонија.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира