Во 1903 година Мисирков го создава првиот научно аргументиран обид за стандардизација на македонскиот јазик и со тој чин, тој всушност ја поставува основата на политичката легитимност на македонската нација. Ако постои една константа во мисловниот корпус на Мисирков тоа е автономијата на Македонија, но автономија не како политичка цел сама по себе туку автономија како императив за сочувување на опстанокот на македонската самобитност, рече денеска професорката Ганка Цветанова на промоцијата на нејзината нова монографија „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и нацијата“.
Промотори на монографијата беа академик Катица Ќулавкова и професорот Кирил Миновски. Истражувањето за книгата започнало во 2020 година, а таа се промовира во годината кога се одбележуваат сто години од смртта на Крсте Петков Мисирков.
„Во таа смисла централното прашање на ова истражување е дали Мисирков е само историски значајна личност или и теоретичар кој ги разбира општествените, политичките и културните процеси врзани со создавањето на македонската нација. Дали во неговото дело се препознава социолошки дискурс односно рана форма на македонската социолошка мисла“, рече Цветанова.
Во понудените одговори, рече авторката, се наоѓа суштината на ова истражување чија цел е да го реконцептуелизира и ревалуира делото на Мисирков низ социолошка перспектива.

Подпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, пратеничката Иванка Василевска, министерот за култура Зоран Љутков, премиерот Христијан Мицкоски со сопругата Рози Мицкоска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кардиологот д-р Сашко Кедев, пратеникот Драган Ковачки и ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова. (Фото: Министерство за култура)
Како што кажа таа, студијата воспоставува дијалог помеѓу модернистичката парадигма и концепциите на Мисирков, но не со цел тие да бидат вметнати во однапред зададени теориски граници туку напротив да се осветли нивната теориска далекусежност.
„Иако создадени во поинаков историски контекст, концепциите на Мисирков ја надминуваат својата временска рамка и на свој начин ги антиципираат согледувањата кои подоцна стануваат централни во модернистичката парадигма и современата опшествена наука. Токму затоа оваа студија не го повторува веќе познатото за Мисирков, туку нуди ново поинакво социолошко читање на неговото дело. Гледано од денешна перспектива делото на Мисирков добива јасно обликувана рана форма на македонски социолошки дискурс што го позиционира не само како темелна фигура во процесот на национално осознавање туку и како еден од основоположниците на македонската научна – општествена мисла“, рече професорката Цветанова.
Мисирков, нагласува таа, не бил само сведок на времето во кое што живеел и творел туку и негов надвременски глас.
„Тој бил теоретичар на нацијата пред појавата на современите теории за нацијата и визионер на државноста пред постанокот на макеоднската држава. Неговата мисла претставува ретка спојница меѓу историската реалност и теориската далекусежност станува трајна интелектуална референца за разбирањето на македонската нација“, рече таа.
Традиционално кога се говори за Мисирков, вели Цветанова, истражувачкиот фокус најчесто е насочен кон неговиот придонес за оформувањето на македонскиот литературен јазик и процесите на културната и националната еманципација.
„Оваа студија има за цел да понуди поинакво читање на неговото дело, читање што не се задржува само на неговото историско значење и димензија, туку настојува пред се да ја потенцира неговата теориска длабочина и теориска далекусежност. Во својот творечки опус Мисирков отвора прашања што се суштински за социолошката мисла, како на пример, што е тоа што народот го прави една целина, кои елементи го создаваат чувството на заедничка припадност во рамки на заедницата, која е улогата на јазикот, на културата, на колективната меморија. Мисирков во своето дело говори за односот помеѓу поединецот и заедницата, за социјалните релации меѓу членовите на заедницата, но и за народните идеали како движечка сила во одгледувањето на колективната свест и политичката волја на народот. Културната еманципација на македонскиот народ ја согледува како предуслов за неговата политичка афирмација и целосно политичко етаблирање“, рече проф. Цветанова.
На промоцијата присуствуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски, поранешниот претседател Ѓорге Иванов, ректорката на Универзитеот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) Биљана Ангелова, професори, членови на дипломатскиот кор, студенти.



